Македонија 01. септември 2020. / 14:13

Германска донација за кумановската општа болница

Германска донација за кумановската општа болница

Кумановската општа болница, денеска, доби донација од специјалниот ковид фонд на германското министерството за надворешни работи, спроведена преку проект на кој аплицирал Центарот за рурален развој „Бујрум“. Болницата доби десет монитори, 30 пулсоксиметри и десет кислородни концентратори.

Германската амбасадорка, Анке Холштајн, денеска се сретна со директорката на болницата, Снежана Захариева, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и претседателката на „Бујрум“, Александра Тасиќ и на кумановци им посака добро здравје од името на граѓаните на Германија. Донацијата опфаќа опрема за болницата, потребна за лекување на заболените од Ковид 19.

 Германија во моментот претседава со Советот на ЕУ. Со оглед на актуелните состојби, нашиот главен акцент е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека нашите партнери во борбата со пандемијата, можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржа регионот со пет милиони евра, во коишто спаѓа и овој проект, а понатамошни десет милиони, се на пат. Освен тоа, ЕУ помага со 3,3 милијарди евра во кои Германија учествува со скоро една третина-изјави амбасадорката Холштајн.

Здружението „Бујрум“ го имплементирало проектот изминативе два месеци. Тасиќ, смета дека со донираната опрема ќе се подобрат условите за пациентите во кумановската болница.

Директорката на кумановската болница Снежана Захариева се заблагодари на донацијата и рече дека е неопходна за добра дијагностика и следење на виталните функции на пациентите. Во моментов, болницата располага со 15 монитори, но тие се стари по 20 години. Болницата и самата планирала набавка на вакви апарати, но ќе им било потребно подолг период.

Опремата ќе биде распоредена на повеќе оддели, затоа што не само инфективното одделение, туку и другите оддели во нашта болница примаат пациенти кои се ковид позитивни. Имаме ургентни состојби, итни операции, породувања, случаи од кардиолошки карактер кои одат на интерно одделение, итни случаи кои и подоцна ќе се воспостави дека биле ковид позитивни. На многу места навистина ни е потребен ваков мониторинг на пациенти, изјави Захариева.

Претходно амбасадорката и градоначалникот се сретнале во општината и разговарале за подобрување на соработката и имплементација на проекти.

 Ја користам приликата да се заблагодарам на граѓаните на Германија и амбасадата за оваа донација која ја направија на нашата градска болница која има регионален карактер и оваа донирана опрема ќе значи многу за нашите граѓани во делот на обезбедување на подобри услови за вршење на здравствениот процес и заштита на нашите граѓани. Се наоѓаме во тешка ситуација, впрочем ковид кризата е секаде присутна, но ова е дополнителен доказ дека и Македонија и Куманово имаат држави -партнери кои излегуваат во пресрет во најтешките моменти, изјави Димитриевски.

Во моментов на инфективното одделение хоспитализирани се 25 пациенти заболени од Ковид 19, од кои осум се на кислородна поддршка.