Имаме министри кои биле скромни во трошењето, но од друга страна имаме и министри кои расипнички се однесувале со буџетските пари. Првите три места на министри трошаџии им припаѓа на оние од редовите на ДУИ. Според објавените податоци, предничи младиот министер за економија, Кресник Бектеши, кој потрошил дури 14 илјади евра за 6 месеци, односно по околу 2500 евра по месец, пари кои во никој случај не можат да се оправдаат, вели експертот за антикорупција Вања Михајловска.
Уште една препорака која поранешниот член на ДКСК ја упати до Владата е драстично да се намали бројот на службени лица кои имаат право на репрезентација и да се препорача на јавните претпријатија и локалната самоуправа да ги ограничат средствата за овие намени.
-Сега знаеме дека секој троши службени пари. Јавните претпријатија и локалната самоуправа исто така да ги ограничат средствата за овие намени бидејќи според ревизорските извештаи во ЈП и Локалната самоуправа се добива истата слика, расипничко ненаменско и неодговорно трошење на буџетските пари за лични потреби, рече Михајлова.
Според неа, оваа практика е последица на неказнивоста на она што се правело претходните години. Таа истакна дека и покрај тоа што Државната ревизија откри милионски трошоци за лични потреби во угостителски услуги, досега од Јавното обвинителство нема никаква информација дали е покренато какво било обвинение.