Власта не престанува со притисокот и обидот за замолкнување на опозицијата. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, добил писмо со барање за извинување од страна на премиерот Зоран Заев. Заев на Николоски во писмото му се заканува со тужба.
-Во текот на вчерашниот ден добив писмо адресирано од премиерот Зоран Заев во кое што писмо се заканува со тужба за клевета. Имено, цитира моја изјава дадена по повод верскиот празник Богодорица во која што на новинарско прашање одговарам околу прашања поврзани со аферата рекет. Наместо како што личи во секоја нормална и демократска држава доколку не се согласува политичкиот опонент со она што ние го кажуваме истото да го демантира или во јавноста да приложи спротивни факти и аргументи, Зоран Заев, од позиција на премиер, на најмоќен човек во државата, решава да се заканува со тужби. – рече Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на новинарите им достави и копија од писмото кое до него го испратил премиерот Зоран Заев.
– Сметаме дека ова е класичен обид за замолчување на опозицијата. Ние сме политичари и наша работа е да даваме изјави, да прашуваме и да поставуваме провокации. Во која демократска држава, земја членка на ЕУ, која што Зоран Заев од устата не ја вади, се видело премиер да тужи потпретседател на најголемата опозициска партија за политичка изјава? Или можеби има таква работа во САД? Веднаш ќе ви одговорам, нема! И на Борис Џонсон не му паѓа на памет да ги тужи тие чии изјави не му се допаѓаат. Денес решава Заев да ме тужи за клевета. Моја работа е да поставувам прашања и да ја отвориме оваа дебата во јавноста и да извршиме притисок врз институциите. – додаде Николоски.
Николоски истакна дека за овој притисок што го врши власта врз опозицијата, да се заплаши слободното мислење на медиумите, во текот на утрешниот ден ќе бидат информирани сите дипломати на државата.
-Наместо мене да ме тужи на суд, мислам дека е добро да се пријави во обвинителство за да даде исказ за „Рекет“. – рече вториот човек на опозицијата.
Николоски праша кој во земјава верува дека Боки 13 самиот рекетирал и оти бизнисмените сами му ги давале парите.
-Денар немаше да му дадат, а не тешки милиони, ако зад него не стојат највисоите структури на власта. Инаку, во писмото Зоран Заев не демантира дека се изрекетирани преку 20 милиони евра, ниту дека се изрекетирани повеќе бизнисмени. Со тоа ги потврдува нашите сознанија дека рекетот е многу подлабок отколку што се знае во јавноста. Тој само спори дека тој ја координирал таа акција. За таа работа ќе се видиме со Зоран на суд, а исто како и против Вице, самиот ќе се бранам, истакна Николоски.