Албанскиот претседател Илир Мета заедно со делегација од Македонија во која беа претседателот на Собранието, Талат Џафери, вице премиерот Бујар Османи и лидерот на ДУИ Али Ахмети внимателно следеа акција за пребарување и спасување што се спроведува во една од зградите оштетени од земјотресот во Драч.
Претседателот Мета се сретна и со специјализираните сили за итни случаи кои од Македонија дојдоа за да придонесат за надминување на последиците од оваа природна непогода, кои се стационирани во Гимназијата „Наим Фрашери“.
Мета искажа огромна благодарност за нивната ангажраност, професоналност и пожртвуваност во акциите за пронаоѓање и спасување, додавајќи дека нивниот придонес никогаш нема да го заборават.
– Ова е важен момент на демонстрација на солидарност меѓу нашите две држави и потврда за соработката на полето на граѓанските вонредни состојби. Би сакал да ја изразам мојата срдечна благодарност до претседателот Пендаровски, премиерот Заев и сите претставници на политиката на Северна Македонија, кои се со нас од почеток и продолжуваат да бидат со нас во справувањето со оваа голема катастрофа и овие тешки последици, како што сте виделе и знаете подобро од кој било друг – порача Мета.
Во меѓувреме македонските, заедно со турските, српските и шпанските спасувачи го пронашле безживотното тело на 54 годишен маж од под урнатините на хотелот „Мирамар“ во Драч, каде што работел, што е 47 жртва од земјотресот.