Ратка Димитрова, пратеничката од првиот парламентарен состав, почина на 80-годишна возраст. Таа беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието во период од 1991 до 1994 година.
Димитрова е мајка на политичарот и доскорашен министер за надворешни работи, Никола Димитров, тој од неа денеска се прости и преку статус на Фејсбук.
-Беше полна со љубов, грижа и чиста енергија, Ратка, моторот на Димитрови. Ведрина, радост и бодрење, поткрепа даваше широкоградо, на толку многу луѓе. Македонските маки ги доживуваше како да се нејзини лични. Го береше гајлето на нацијата. Блескаше што и да фатеше, од фамилијата, па животниот повик – музиката, до општото, каде имаше само идеали и една чудесна и чиста наивност, толку многу потребна во политиката денес. Синоќа, во последниот повик до татко ми, на крајот го прашала каков бил денот во Собрание.Со чувство на бескрајна благодарност, исконска љубов и огромна тага, да ти биде светол патот мајко моја прекрасна! Се гордеам што сум твој син, напиша Никола Димитров на својот Фејсбук профил.