Во 2018 година се намали смртноста на новороденчиња, бидејќи како што вели министерот за здравство Венко Филипче починале само 24 новороденчиња, наспроти во 2017 кога бројката била повисока и изнесувала 36 новороденчиња.
Овие бројки министерот Филипче ги кажа на вчерашното обракање кое беше дел од презентацијата на проектот на Владата заедно со Фондот за популација на Обединетите Нации за намалување на смртноста кај новороденчињата.
Како што појасни првиот човек на македонското здравство во 2017 година, на скопската гинекологија, починале 36 новороденчиња на 1.000 преживеани, а во 2018 година починале 24 новороденчиња. Според него станува збор за намалување на смртноста на новороденчиња од 30 проценти.
-Секако дека имавме многу проблеми. Свесни сме дека смртноста на новороденчиња не се должи само на болниците, туку одговорност има и во секундарното и примарното здравство.Со новиот проект изготвени се протоколи за постапување со новороденчиња, особено за предвремено родени деца-вели Филипче и дополни дека овие протоколи наскоро ќе бидат доставени до сите 33 родилишта во државата.
Министерот исто така посочи дека расоплага со информации дека во 34 македонски општини нема матичен гинеколог.
Според проценките на невладините, пак речили над половина милион жени на возраст над 12 години имаат ограничена примарна гинеколошка здравствена заштита.
Истовремено Филипче објасни дека имаат план како да се борат со недостатокот на гинеколози во земјава. Според него специјалистите гинеколози ќе можат да даваат здравствени услуги како матични гинеколози.
-На овој начин ќе се надмине проблемот со матичните гинеколози конкретно во неколку македонски градови како што е Македонски Брод, Крушево, Демир Хисар и Пробиштип-информира Филипче.
Министерот укажа дека во Прилеп, Гостивар, Тетово и Струмица има гинеколози, но не доволно, па и овде гинеколозите од секундарно ниво ќе можат да работат како матични гинеколози.
Што се однесува пак за руралните средини предвидено е да се обезбедат мобилни гинеколошки амбуланти.
Филипче исто така информираше дека преку Фондот за здравство осигурување обезбедени се бесплатно специјални градници за жени кои се оперирани од рак на дојката,а набавени се и осум мамографи за да се намали чекањето за овие прегледи.
Министерот потсети дека државата веќе овозможува бесплатни прегледи и лабораторски анализи за жените во тек на бременост, како и бесплатно породување во сите јавни родилишта во државата.
Директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Анте Поповски рече дека 21 породилиште ќе започнат со процесот на акредитација. Посочи дека визијата на сите здравствени чинители е секој граѓанин да го оствари своето право и пристап до квалитетна здравствена заштита, а посебно на примарно ниво.
Претседателот на Комитетот за безбедно мајчинство, Ана Данева Маркова истакна во изминатите десет години постои надолен тренд во однос на бројот на породувања односно живородени. Посочи дека најнизок број на породувања односно на живородени има во 2017 година.