Македонија 25. октомври 2019. / 10:33

Филипче: Водиме максимална грижа за подобро здравје на пациентите

Филипче: Водиме максимална грижа за подобро здравје на пациентите

На отворањето на шестиот конгрес за анестезиологија, реанимација и интензивна нега со меѓународно учество, што се одржува во Охрид, министерот за здравство Венко Филипче, изјави дека се води максимална грижа за подобро здравје на пациентите и се обезбедуваат нови и современи медицински апарати за потребната и неопходна здравствена заштита.

Министерот посочидека конгресот е одлична можност да се разменат искуства и новини од областа на анестезиологијата, реанимацијата и интензивната нега, како и да ја унапредат соработката меѓу домашните и странските експерти.

Како што нагласи Филипче, минатата година е набавен нов апарат за видео лариноскопија и ендоскопија за обезбедување на дишен пат, наменет за пациентите кои се лекуваат на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ, со кој анестезиолозите можат полесно да интубираат пациенти кои се хоспитализирани на оваа Клиника и се во ризик.

– Покрај континуираните трансплантации од жив донор, по три години пауза на КАРИЛ успешно се изведени четири кадаверични трансплантации и осум пациенти на дијализа добија шанса за нормален живот со бубрег од починат донор. Во 2018 година, успешно ја извршивме и првата несродна трансплатација на матични хематопоетски клетки, која претставува револуционерен чекор на македонското јавно здравство. Исто така, употребуваме и нова комбинирана метода на тромболиза и тромбектомија, која кај нас веќе станува практика – изјави Филипче.

Тој истакна дека со Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Здружението на анестезиолози имаат соработка во полето на едукациите и додаде дека се одржале обуки за медицински сестри за постапување при животозагрозувачки состојби, како прв чекор во континуираниот процес на едукација.