Министерот за здравство, Венко Филипче утрово им ја честита на граѓаните новата година и посака во 2021 да има убави вести како веста од почетокот на годината, која доаѓа од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што по полноќ се родиле две здрави машки бебиња, а по нив и едно женско.
– Годината што измина, беше кризна година, каква што светот не памети во изминатите најмалку 100 години. Кризна година, еден голем предизвик, не само за здравствениот, туку и за економскиот и социјалниот систем. Година во која граѓаните покажаа и докажаа што значи да се има верба во институциите и благодарение на таа верба и почитувањето на мерките, сега има стабилна епидемиолошка ситуација, се помал број на новозаразени од коронавирусот. Болниците се празнат и посакувам овој тренд да продолжи и понатаму, истакна министерот Филипче.
Тој им се заблагодари на граѓаните за вербата во институциите, за нивното трпение и почитувањето на сите превентивни мерки.
– Оваа година, беше година во која здравствените работници покажаа како се работи професионално, посветено, со брз систем на реорганизација и не дозволија ниту еден пациент да остане без болнички третман. Сите заболени од Ковид-19 беа навремено згрижени и третирани, подвлече Филипче.
Тој рече дека сме на прагот на имунизацијата и дека од СЗО нашата држава била оценета како една од најподготвените во Европа.
– Верувам дека со вакцината ќе се стави крај на пандемијата насекаде во светот, рече Филипче.