Македонија 20. ноември 2020. / 18:53

Филипче се сретна со сопствениците на приватните клиники

Филипче се сретна со сопствениците на приватните клиники

Претставниците на три приватни здравствени установи со позитивен став во однос на тоа државата да ги користи и нивните ресурси во справување со пандемијата. Ова е наведено во кусото соопштение од Министерството за здравство, а по средбата што Министерот Венко Филипче имаше со нив, објави Канал5.

За тоа што вклучува реорганизацијата, како и под кој услови ќе се користат креветите и кадарот на приватниците, детали нема. Според образложението од ресорното министерство, со оглед на тоа што за првпат државата прави ваква реорганизација прецизирања ќе има в недела за кога е закажан следниот состанок.

Канал 5 стапи во контакт со дел од нив, но со став излезе само клиниката „Жан Митрев“. Давајќи поддршка во однос на иницијативата за ставање на располагање на сите расположливи капацитети, Д-р Митрев во изјава дадена во писмена форма, наведува дека во клиниката нема слободен кревет, а пациенти се ставаат на листа на чекање.

-Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети. Бидејќи ситуацијата е навистина сериозна, јас и целиот свој тим се ставаме на располагање, да помогнеме со нашето знаење и искуството кое го имаме од третирање на најтешките форми на инфекции од ковид-19.

Во меѓувреме, во државните ковид-центри се реогранизираат оддели за да има и кревет и кадар повеќе. Само во главниот град, во последното деноноќие примени се 65, а вкупно, во болнички кревет лежат околу 460 лица сомнителни и потврдени на коронавирусот. Последна во низата интерни болници при комплексот „Мајка Тереза“ што преку ноќ се реорганизира во ковид-центар е Очната Клиника. Таму има место за дваесетина пациенти.

Дополнителни кревети треба да има и со 16-те монтажни болници. Колку ќе чини изградбата на секоја од нив одделно, засега, од надлежните, немаат соопштено. Тие ќе се градат со дел од „брзиот заем“ од Светска банка „тежок“ околу 34 милиони долари. Властите досега не прецизираа ниту кој ќе ги гради, односно, какви тендерски постапки се врзани за нив.