Македонија 20. март 2020. / 16:00

Филипче: Респираторните машини за Македонија доцнат од Бразил

Филипче: Респираторните машини за Македонија доцнат од Бразил

Во тек е набавката на 50 респираторни машини од Бразил, но нивната испорака е запрена со одлука на тамошната влада, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој додаде дека се прават дипломатски напори за реализација на набавката.

Истовремено, министерот Филипче објави добра вест со тоа што добиле потврда од Кина дека резервирала 200 респираторни машини за Македонија.

Правејќи споредбени анализи и според препораките на Светската здравствена организација, Филипче беше дециден дека нема место за паника и оти Македонија има доволен број респираторни машини на располагање. Според анализите, респираторни машини се користат само од 5% од заболените со корона вирусот и тој сооднос се запазува во Македонија

Во врска со тестовите тој изјави:

-Досега во Македонија се направени 888 тестови. Очекуваме да обезбедиме уште дополнителни 1.400, а секоја наредна недела ќе бидат обезбедувани по 1.000. Кон овие бројки треба да се додадат и 300 тестови во клиниката „Жан Митрев“.

На денешниот состанок во Комисијата за заразни болести е утврдено дека двата теста, и тој во Институтот за јавно здравје и тој во „Жан Митрев“ се соодветни и нивните резултати можат да се сметаат за точни, па оттука и нема потреба од повторување на истите.