Mинистерот за здравство, Венко Филипче, бара казни за граѓаните поради непочитување на мерките за заштита од корона вирусот иако нема официјални податоци дека тие мерки граѓаните не ги почитуваат.
Овoј заклучок се наметнува по вчерашната прес-конференција на министерот, кој најави дека ќе побара од Владата казните за неносење на заштитна опрема за лицето да почнат да се применуваат веднаш, а не како што беше пропишано со првичната Владина уредба, со казни да се почне од први мај, а дотогаш граѓаните да добиваат предупредувања.
Притоа, како образложение или причина за ваквото барање, Филипче, не посочи некои официјални бројки или податоци колку граѓани не ги почитувале мерките за заштита, туку се повика на „слики што се ширеле по социјалните мрежи“, без да информира кога, каде и од кого се направени тие слики.
Имајќи ги предвид мерките што се на сила и сликите што стигнуваат на социјалните мрежи од граѓани кои не ја почитуваат мерката за заштитна опрема на местата каде што е тоа пропишано, а други граѓани ја носат маската или прекривката под брадата или во рака, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе поднесат до Владата предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веднаш – изјави Филипче.
А, дека министерот или министерството немаат каков било податок дека голем број граѓани ги кршат мерките за носење заштитна опрема, врз кој би го базирале барањето за казни потврдуваат и од прес-службата на самото министерство.
Министерството за здравство не располага со вакви информации. Во врска со одговор на вашите прашања ве молиме да се обратите во Министерството за внатрешни работи – е одговорот на Министерството за здравство.
Екипата на „Лидер“ се обрати и до МВР со прашањето дали имаат податоци за масовно кршење на мерката за носење заштитна опрема на лицето и од таму добивме објаснување дека нема податоци за такво нешто. Оттаму појаснуваат дека полициските службеници секогаш постапуваат според упатсвата и наредбите од надлежните.
Во врска Вашите прашања Ве известуваме дека изминативе денови полициските службеници според пропишаните насоки од Владата до 1. Мај (петок) имаа за задача да ги предупредуваат граѓаните кои не носат заштитна опрема. Во насока на ова полицијата како и досега во наредниов период ќе постапува согласно донесените Одлуки на Влада и ќе ги спроведува мерките со цел заштита на јавното здравје – одговорија од МВР.
По ваквите ставови на двете министерства, го истакнуваме прашањето дали мерките што се носат со наводна цел за заштита на јавното здравје се базираат врз конкретни податоци или, пак, врз некои објави што кружат на социјалните мрежи без тие да бидат официјално проверени или потврдени.
Инаку, според Уредбата со законска сила, за граѓаните е предвидена казна од 20 евра, додека за фирмите кои нема да обезбедат заштитна опрема за своите вработени пропишана е глоба од 2.000 евра.