Македонија 30. декември 2020. / 18:16

Филипче: Нема судир на интереси во случајот на директорката на Клиниката за гастро и прв човек на Лекарска комора

Филипче: Нема судир на интереси во случајот на директорката на Клиниката за гастро и прв човек на Лекарска комора

Нема судир на интереси во случајот со Калина Гривчева Старделова, која е директорката на Клиниката гастроентерохепатологија и прв човек на Лекарската комора, изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на прашањето на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска.

Според Филипче, во случајот со Гривчева Старделова нема конфликт на интереси, бидејќи едната работа, директорската, е менаџерска, а во Лекарската комора, претседател мора да е лекар, човек од фелата.

– Дозволете уште еднаш да се консултирам со Државната комисија за спречување на корупција и да ве известам во врска со тоа, рече Филипче.

Тој посочи дека пред еден месец Лекарската комора била примена во Европската организација на лекарски комори, а следната година нашата држава ќе биде домаќин на еден од европските состаноци.

Филипче изрази задоволство од реорганизацијата на интерните клиники, во која учествувала и Гривчева Старделова.

– Директорката беше дел од тимот, кој ја направи таа реорганизација. Сите клиники кои се наоѓаа таму во една зграда беа пренаменети, а нивниот кадар работи со ковид-пациенти. Значајно се зголеми бројот на слободни болнички кревети. Што е доказ дека сериозно спласнува епидемијата кај нас. Од триесетина слободни кревети во изминатите две недели, сега имаме 100 слободни, рече Филипче.

– Професорката активно работеше и во Лекарската комора, беше координатор и на матичните лекари. Имавме бројни состаноци. Активно се залагаше и за носење на законот за лекарска дејност. Моите информации говорат дека конфликт на интереси во тој случај нема, потенцира Филипче.