Очигледно е дека сите земји, па и тие од Европската унија кои што преку Европската Комисија ја имаа таа привилегија први да ги добијат вакцините добија многу помали количини од тоа што очекуваа, истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој верува дека постојат начини и пред март вакцините да стигнат во Македонија.
-Од почетокот оставивме простор да разговараме и да користиме и други механизми освен Ковакс механизмот. Тој беше развиен од СЗО и од глобалната Алијанса за имунизација токму со цел сите земји да имаат еднаков пристап во ист временски период за количини кои соодветни на бројот на популација ќе бидат прераспределени низ земјите. Освен тој механизам се понудија и европските земји кои за време на правењето на нивните директни договори земаа предвид оти треба да споделат и со останатите земји кои не се членки на Европската унија и оттука се понудите на Полска, на Бугарија и на Грција, сега и на Австрија. И третиот механизам, директните разговори со компаниите. Согласно динаминаката на нивното производство, практично ние очекуваме да имаме и поинакви вести од овие досега кои што ни ги даваа за време на разговорите. И тие ние укажаа дека се соочуваат со огромен притисок. Не е лесно да се произведе вакцина, рече Филипче, појаснувајќи дека тоа е еден многу долг процес.
Според министерот за здравство, Владата е подготвена да ги купи вакцините.
-Нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцина. И тоа јасно сакам да го кажам и да го упатам како порака. Сите производители со кои што разговараме се производители кои веќе ги имаат почнато административните постапки за добивање на дозволи што значи дека апсолутно сите тие вакцини што потенцијално би стигнале во земјата се апсолутно сигурни и развиени на безбедна платформа, вели Филипче, појаснувајќи дека европските земји освен донирањето на вакцини обезбедели 8 милиони евра за Западен Балкан наменети купување вакцини.
Според него, најважна е вакцинацијата на населението за да се дојде до имунитет на стадо.
-Треба да има процес имунизација со кој што ќе се достигне степен на колективен имунитет на 60 до 70 осто на населението за навистина да спласне, не само епидемијата кај нас, туку и пандемијата на светско ниво. Останува да ја следиме ситуацијата, да видиме како ќе се одвиваат трендовите, дали ќе има и природен пад на пандемијата. Засега нема такви знаци дека се спласнува во насока на целосно добивање имунитет, не кај нас, туку во сите земји во светот, рече Филипче.