Mинистерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека препораките за спречување на ширењето на корона вирусот да ослободат по еден од родителите кои имаат деца до 10 годишна возраст важат за сите, како за државни така и за приватните фирми.
– Доколку тоа не се почитува повторно се загрозува јавното здравје. Затоа, укажуваме дека тоа соодветно ќе се санкционира согласно неколку члена од Кривичниот законик за загрозување на јавното здравје и ширење на заразна болест. Има дежурен телефон на Државниот инспекторат за труд на којшто треба да се пријават вакви појави. Инспекторатот будно ја следи таа ситуација – изјави Филипче.
Беше објавен и бесплатен телефонски број за пријавување во Трудовиот инспекторат
Телефонот на којшто може да се пријави вакво непочитување на мерките е 15 131. А, ќе се санкционираат според членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.
Оној кој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино спречувањње, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна, гласи членот 206 од Кривичниот законик. Членот 205 од КЗ пак предвидува различни казни во зависност од кршењето на прописот или наредбата дадена од надлежен орган, во конкретниот случај тоа е Министерството за здравство, односно Владата.
Мерките на Владата предвидуваат по еден од родителите кои имаат малолетно дете до 10 години или до активно четврто одделение во следните 14 дена може да се ослободат од работните обврски и тоа треба да биде евидентирано од работодавецот како оправдано отсуство.
– Сектори за човечки ресурси да побараат од овие лица да достават доказ за основот на користење на ова оправдано отсуство. Потврда издадена од детска градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка, копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод на родени или потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од свидетелство – изјави Филипче.
Мерката важи за родители кои се вработени во државните институции, јавни претријатија во државна сопственост, претпријатијата и институциите основани од локалните самоуправи, како и за приватниот сектор.
Од работа да се ослободуваат и самохраните родители, како и по еден од родителите на лицата со попреченост од дневните центри и ако тие се до 26 годишна возраст. Доколку двајцата родители на дете работат во ист сектор, вклучително и војска, полиција, противпожарна заштита и здравство, едниот ќе треба да биде ослободен. Родители на деца кои не се во воспитно-образовните установи или не се институционално вклучени нема да бидат ослободени од работа и од извршување на работните задачи.
Во секое време да се достапни за работодавецот
Родителите, пак, кои ќе бидат ослободени од работните обврски согласно мерките на Владата треба да достават и потпишана изјава до Секторите на човечки ресурси во кај своите работодавачи, дека ќе бидат достапни за извршување на работните обврски во итни случаи.
– Да достават пишана изјава под морална, кривична одговорност дека во секое време ќе бидат достапни на работодавачот за вршење на службени работни задачи и обврски од својот дом преку комуникација со електронска пошта. Или, во текот на денот да бидат и физички присутни на своето работно место од два до три часа. Образец и изјава да биде доставен во прилог на овој заклучок – истакна Филипче.