Министерот за здравство Венко Филипче изјави денеска во Охрид дека наесен се очекува поголем притисок врз здравствениот систем и дека веќе се прават подготовки во таа насока.
Системот на ротација добро оди. Ротираат интернисти, пулмолози и анестезиолози, како и медицински сестри кои имаат искуство, пред сè во лекување во одделите на интензивна нега. Ние во исто време правиме планови и за наесен. Тогаш очекуваме дека притисокот кон здравствениот систем ќе биде уште поголем. Тогаш ќе се соочиме со еден нов бран и на сезонски грип и на пациенти заболени од ковид вирусот. Очигледно вирусот нема да замине, правиме планови и предвидуваме институции и за есенските месеци, го планираме дури и системот на ротација на лекарите за тие месеци, изјави Филипче.
При денешната посета на Општата болница во Охрид, на новинарско прашање за состојбата со недостаток на медицинскиот персонал, Филипче рече дека, иако сите земји во регионот се соочуваат со истиот проблем, во нашата земја навреме се започнати активности за поддршка на медицинскиот кадар.
Ние почнавме реалтивно рано да работиме со медицинскиот персонал, дури и несвесни дека ни претстои ваква криза. Огромен број здравствени работници беа примени и во болниците и јавните здравствени установи ширум земјава. Има градови каде што веќе нема невработени лекари, изјави Филипче