Македонија 21. април 2020. / 15:35

Филипче: Мајката и синот од Велес починале во март, а не во јануари

Филипче: Мајката и синот од Велес починале во март, а не во јануари

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека нема потреба за посебни истражувања за овие случаи во контекст на ковид-19
Мајката и синот, кои беа пронајдени починати во својот дом во Велес, починале три до пет недели пред да бидат пронајдени, покажале резултатите од увидот на Институтот за судска медицина.

Тоа според министерот за здравство Венко Филипче значи дека тие починале во март, а не во јануари како што беа првичните индиции, поради што според Филипче нема потреба за посебни истражувања во контекст на ковид-19.

Понатаму, на Институтот ќе се спроведуваат натамошни испитувања кои ќе ја утврдат причината за смртта.

Жената според податоците имала 89 години, а синот 53. На 10 април, Филипче на прес- конференција соопшти дека кај нив било откриено присуство на ковид-19 во дишното стебло, со што се покрена дилемата дали оваа болест била присутна во земјата уште пред 26 февруари, кога беше дијагностициран првиот случај кај нас.