Министерот за здравство, Венко Филипче истакнува дека квалитетот на лековите и нивната достапност биле огромен проблем кој сега е веќе минато. Како што информира министерот, од 1 октомври, годинава се укинати квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава и со таа мерка бил решен деценискиот проблем со недостатокот на лекови.
Ги нема повеќе долгите редици во аптеките, граѓните повеќе не се грижат дека ќе останат без терапија, бидејќи, таа им е достапна во секоја аптека, во било кој ден од месецот. За две години, воведени се пет, односно шест нови лекови за ретки болести, а за пациентите со дијабетес набавени се три нови типа исклучително високо-квалитетен и сертифициран инсулин – вели Филипче.
Минисетрот посочува и дека е воведена иновативна биолошка терапија за пациентите со малигни заболувања, карцином на белите дробови, ГИТ, меланом на кожа, како и биолошки лекови за прво и второлиниска терапија за сите жени на кои што им е потребно лекување од карцином на дојка. Се набавуваат 8 нови дигитални мамографи, воведено е задолжително двојно читање на момографските снимки, бесплатни ортопедски градници и психолошка поддршка за пациентките со рак на дојка.
– За една од најголемите придобивки го сметам укинувањето на скандалозниот закон за прекин на несакана бременост, донесен од претходната власт. Со новиот закон ја ставаме вољата на жената на прво место, која има потполно право на избор и безбеден прекин на бременоста – потенцира Филипче.
Во насока на унапредување и зајакнување на јавното здравје, годинава се воведени и две нови вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус, кои се чести во детската возраст особено кај децата кои посетуваат градинки.
– Нашата земја имаше највисока стапка на смртност кај новороденчиња во цела Европа. Многу сериозно пристапивме кон ова прашање и превземавме низа мерки: инвестиции во опрема, во инфраструктура, но најважно од се во луѓе за да се подигне нивото на експертиза.Со еден ваков сеопфатен пристап, кон еден исклучително комплексен проблем, успеавме двојно да ја намалиме стапката на смртност кај новороденчињата, што за нас како држава претставува огромен напредок и успех – вели Филипче.