Македонија 21. март 2020. / 15:46

Филипче: Има сериозна бројка на граѓани кои овој ризик не го зимаат сериозно

Филипче: Има сериозна бројка на граѓани кои овој ризик не го зимаат сериозно

Очигледно е непридржувањето до мерките. Има сериозна бројка на граѓани кои овој ризик не го зимаат сериозно. Имаме одговорност мерките да ги заостиме, а ќе дадат резултати ако целосно се примениваат, порача министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Тој информираше дека утрово бил одржан состанок со Комисијата за заразни болести за дополнителните мерки кои треба да се воведат, а кои ќе бидат дискутирани на владина седница во 18 часот, со цел да се зголемат мерките бидејќи, како што кажа министерот, и покрај препораките и апелите и понатаму има собирање во групи.

Дополнително, Филипче информираше дека во изминатото деноноќие се регистрирани 9 нови случаи на корона вирус во земјата со што бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 85 лица.

Според местото на постојано живеење, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 6 градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.

Состојбата на хоспитализираните пациенти Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е непроменета во однос на вчера, рече министерот.

-Единствената пациентка која е на респираторна машина е во критична фаза, тројца се со форма на потешка пневмонија, но во моментов се стабилни, а останатите пациенти се со полесна клиничка слика, соопшти министерот Филипче.

Информираше и за пациентите кои се на домашно лекување дека се во постојан контакт со лекарите од Клиниката за инфективни болести, нивната клиничка слика е сосема лесна и лекувањето може да се спроведе во домашни услови, појасни министерот.