Министерот за здравство Венко Филипче денеска конечно кажа нешто на место. Изјави дека не е време за отворање на градинките, зашто секојдневно имаме голем број новозаболени пациенти од Ковид-19.
Притоа, потсети дека во однос на веќе спроведениот скрининг на вработените во градинките, во тој момент имало услови тие да бидат отворени, а скринингот бил спроведен со цел да се заштитат децата.
-Сепак, потоа почна да расте бројот на новозаболени, поради што не е возможно да се отворат градинките. Засега тешко е да се каже тајмингот за отворање, но во еден момент тоа ќе се случи, но не знаеме кога, изјави Филипче.
И мора да се признае дека е во право. Навистина, не е време за отворање на градинките.
Но, дефинитивно е време Венко Филипче или да си замине од функцијата како чин на лична одговорност или, пак, да си ја искине дипломата за завршен Медицински факултет. Точно така како што им порача бугарскиот премиер Бојко Борисов на бугарските лекари кога и во соседството почнаа да растат бројките на новозаболени од корона вирусот.
По појавата на пандемијата од Ковид-19, Венко Филипче како министер за здравство најави дека бројот на заболени во државата би можел да достигне до 2.000 лица. Но, заклучно со вчерашниот ден, 28 јуни, вкупниот број на заболени достигна 6.080 лица. Или, повеќе од трипати од проекцијата, што ја направи Филипче.
И тука нема никакви оправдувања за непознат невидлив непријател и неизвесност со која ќе се соочиме. Зашто, над 4.000 луѓе, а не обични бројки, се заболени повеќе од тоа што тој проектирал, очекувал и подготвувал болнички капацитети. Бројка што никој не може да ја прифати, а камо ли таа да се релативизира со било какви изговори.
Сликата е целосна ако на ова се додадат и другите бројки. Бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.479 лица, што е уште далеку поголема од бројот на оздравени пациенти-2.315. Конечно, бројот на починати е 286 ЛУЃЕ! И оваа црна статистика не става во редот на земји, кои Светската здравствена организација директно ги предупреди за актуелната состојба со Ковид-19.
На ова се надоврзува политичкиот ангажман на Филипче. Зашто, досега се потврди дека политиката најмалку во два случаи имала предност пред здравството и струката. Разрешувањето на директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, беше чиста политичка перверзија. Човекот само јавно го призна тоа што го знаеја и врапци на гранка.
Врв на шлагот е денешната изјава на Филипче дека немал партиска агенда за кампањата за изборите! Изјави и остана жив! И мисли дека некој ќе му поверува. Зашто, едноставно не е само неговото појавување во Штип во друштво со неговиот партиски лидер Зоран Заев. Воопшто, целиот негов ангажман како министер, кој секојдневно излегува на прес-конференции и во јавноста е составен дел од изборната кампања, што требаше да му донесе ситни дневно-политички поени на СДСМ. За жал, бројките и развојот на настаните се претворија во чиста антикампања, што Филипче не сака да ја види или се прави дека не ја гледа.
А, ако има барем грам чист образ, тогаш не треба воопшто да се мисли. Време е да се замине или да ја скине дипломата.