Македонија 12. мај 2020. / 11:43

Филипче: Денеска ќе се финализира деталниот план и препораките за мерките

Филипче: Денеска ќе се финализира деталниот план и препораките за мерките

Министерот за здравство Венко Филипче во гостување во емисијата „Утрински брифинг“ соопшти дека денеска ќе се финализира целиот детален план и препораките за функционирање во земјава во услови на епидемијата на Ковид-19.

Филипче додаде дека е тешко да се препорача попуштање на мерките само во одредени градови и региони, бидејќи од самиот почеток во справувањето со кризата пристапот бил на национално ниво.

Во текот на вчерашниот состанок разговаравме за олабавување на некои мерки, но денеска се финализира таа дискусија. Треба да се финализира целиот детален план и препораките за функционирање. Целокупниот материјал е спремен, но кога ќе се прецизира датумот ќе се дискутира денеска – изјави Филипче.

Министерот нагласува дека димензионирањето на мерките е комплексен систем, а не е црно-бела ситуација кога нешто може да се имплементира, а потоа да се попушти.

Станува збор за комбинација на мерки кои доколку се почитуваат ќе значи и намалување на трансмисијата на вирусот. Ние сме една од првите земји во Европа која препорача носење на заштитни маски, која доколку се почитува имаме сериозна шанса и покрај тоа што ќе препорачаме зголемена слобода на движење и скратување на полицискиот час, ќе имаме една од повеќето мерки која што ќе го спречи ширењето на вирусот – додаде Филипче.

Министерот нагласи дека сите јавни собири ќе бидат со посебни протоколи.

Тоа што е многу важно е дека со вирусов ќе живееме во целиот период кој е пред нас. Тој нема да исчезне се додека не се измисли вакцината. Но, морам да споменам и дека работата е под контрола и ги очекуваме протоколите и мерките од Комисијата – изјави Филипче.

Министерот за здравство упати апел до граѓаните да не се собираат масовно, без оглед на тоа дали се верски или други собири.