Македонија 04. јуни 2020. / 17:47

Филипче: Агатангел да го повлече повикот за собирање верници во црквите

Филипче: Агатангел да го повлече повикот за собирање верници во црквите

Министерот за здравство Венко Филипче го повика епископот на Повардарската епархија, Агатангел, да го повлече повикот до верниците да ги посетат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени.

-Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сè што сега правиме да се заштити јавното здравје. И, секако, спротивен е и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред сè уредбата за забрана на масовни собири. Тоа е нешто кое доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод донацијата од ЕУ.

Повардарската Епархија на МПЦ-ОА денеска ги повика верниците од црквите во велешко, кавадаречко, неготинско и гевгелиско, масовно да ги посетат храмовите за Задушница.

– Се повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите петок и сабота, во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите , дворовите на храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели. Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа, напишаа на соопштението на Повардарска епархија, каде митрополит е владиката Агатангел.