Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи недолично се однесувала на денешното рочиште за случајот „Насилство во Центар“.
Фетаи прво дала несоодветен коментар за еден од обвинетите за овој случај, кој не можел да присустува на судењето, а потоа започнала да му вика на поранешниот премиер Никола Груевски.
Според информациите на Економски Лидер речиси на секое судење Фетаи прави по некој инцидент или вербална расправија со некого, најчесто без потреба. Присутните на рочиштата коментираат дека судот требало сериозно да размисли за нејзиното однесување. Таа покажувала голема лична и политичка нетрпеливост кон повеќето обвинети, што судиите останувале збунети кога ја слушаат. Се впуштала и во неформални политички расправии на сред судење и ги кршела сите норми на воспоставени правила на професионално и нормално однесување на обвинител.
Утрово во медиумите беше објавено дека Фетаи за случајот „протести пред општината Центар”, за 75-годишен болен човек со скршен пршлен и ставен во косерт и со медицинска белешка од лекар во која стриктно стои дека мора да мирува со лежење, побарала да го донесат во судница со креветот. Потоа таа кажала дека болниот старец за следното рочиште можеби и ќе затрудни.
Подоцна Фетаи побарала Никола Груевски веднаш да биде приведен, бидејќи на рочиштето задоцнил 5-10 минути.
Откако цел ден одбраната и обвинетите кои поставувале прашања на сведоците биле прекинувани од Фетаи, Груевски шеговито изреагирал кон судијата укажувајки дека за одбраната и обвинетите се бара да добијат збор од судијата кога сакаат нешто да кажат, а дека обвинителката Фетаи без дозвола на судот секому му упаѓа во зборот без никаква дозвола од судијата.
На тоа Фетаи почнала да вика, и со дерење да се брани кон судијата дека имала право на тоа, така што ечела цела судница.
Потоа таа му префрлила на Груевски зошто бил расположен кога знаел каде требало наскоро да оди, на што Груевски со смирен тон и повторно шеговито и возвратил дека неговото расположение е негова работа, а не нејзина. Таа пак му вратила дека се грижела за здравјето на обвинетите, а Груевски и одговорил да не се грижи за неговото здравје, туку за своето.
И потоа, следувала вистинска експлозија, канонада од викање и урлање од страна на Фетаи кон судијата, а се однесувало на Груевски, на што реагирале и останатите во салата, негодувајки зошто судот и го дозволува тоа.
Потоа Фетаи одржала и краток политички говор полн со гнев и омрза кон Груевски, правдајки се дека таа сега можела вака да му се обраќа на Груевски, бидејки поминало времето кога сите му се плашеле, заборавајки при тоа дека токму во периодот додека тој беше премиер беше секојдневно јавно напаѓан и критикуван од сите кои не се согласуваа со него и дека никогаш немало проблем заради тоа. Тој веќе 15 години е главна мета на безмалку секоја изјава и прес конференција на СДСМ и на неистомислениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Да се однесуваше некој адвокат како Фатиме веројатно веднаш ќе беше казнет од судијата со најмалку 1000 евра а можеби и остранет.
Судијата Јосифовски го прекинал судењето и дал пауза за претставничката од СЈО малку да се смири.
На паузата еден од присутните искоментирал „Груевски и во затвор ќе ја задржи присебноста, смиреноста и ведрината, а ‘претседателката’ Фатиме ќе остане неуротична, незрела и вечно незадоволна, додека е жива. Ќе продолжи да се кара и да навредува по посудници, канцеларии и кафани”.