Во неделното интервју на “Економски Лидер” разговаравме со независниот пратеник Ферид Мухиќ.
Во интервјуто, поранешниот професор кој важи за еден од највлијателните филозофи на балканскиот полуостров, вели дека она што и се случува на Македонија е смислено и ефикасно реализирано сценарио на меѓународните фактори.
Со Мухиќ разговаравме и за претседателските избори, тој смета дека на државата и е потребен независен претседател.
Пред да почнеме со политиката, најнапред, жалите ли што воопшто вашата биографија ќе ја пополнува и тоа дека сте биле народен избраник? Титулата пратеник Ви ја оцрни или ,,украси” Вашата богата и угледна професорска кариера?
Пред да почнете со читањето на моите одговори, слушнете ја шансоната на Едит Пјаф со воведниот стих:“Non, rien de rien, non, je ne regrette rien”. Ќе ви го преведам:“Не, ништо не жалам, не жалам ништо од ништо.“ Не жалам бидејќи нема ни зошто да жалам. Титулата пратеник со ништо не ми ја “оцрни“ професорската кариера, затоа што ја обавувам со чиста совест и бел образ .
“Договорот со Грција без преседан е најбесмисленииот и најпарадоксален договор. Камен од камен не остана од нас. 27 години сум против тој договор”- ова се Ваши зборови, но сепак гласавте за промена на Уставот а со тоа и промена на државата. Дали стана пракса политичарите во земјава да си ги менуваат ставовите согласно,, расположението на денот’’? Или се предомисливте со надеж дека Република Северна Македонија ќе има подобра иднина?
Тоа се моите зборови. И тоа е мојот став. Лично, не 27, туку уште 127 години ќе бидам против секој разговор за промена на името на една суверена држава, наметнат како ултиматум од друга држава. А токму тоа го сторивме ние; сите влади и сите претседатели на Република Македонија продолжија да преговараат за прашање за кое едноствно – не се преговара! Тоа му го реков на претседателот Киро Глигоров, тоа им го повторував на сите претседатели до денес: не можете да преговарате без на крај да го смените името. Затоа, веднаш прекинете ги натамошните преговори околу нешто за што не се преговара, оти на крај ќе бидеме принудени да прифатиме договор каков што тие сакаат, кој како ултиматум другите ќе ни го испорачат!
Кога сме веќе кај цитирање, во вашето прашање сте пропуштиле да ги наведете моите зборови изречени од говорницата во Собранието непосредно пред гласањето: “Договорот е катастрофален, Референдумот е неуспешен. Јас бев и против Договорот и против Референдумот. Никој, па ни народот, нема право да го смени името, ниту на народот ниту на државата. Бидејќи никој нема право да го крчми она што не го спечалил. А името на народот не го спечалил никој од оваа генерација. Тоа е мојот личен став. Како поединец, како филозоф, се раководам само од тоа дали нешто е праведно или неправедно, без оглед дали мојата одлука за праведното ќе ме одведе во живот или во смрт.“ Тоа беа моите зборови. Ниту го сменив ставот, ниту се предомислив.
Фактот што сите влади ги продолжија преговорите, конечно сите не доведе на ова дереџе, пред свршен чин. Некој мораше да ја прифати улогата на жртвен јарец и да го доврши ова тридецениско измачување, оваа политичка тортура и врз државата и врз нејзините граѓани, овозможена со кобната грешка да се преговара за името. Целиот проблем за мене како пратеник, излезе надвор од границите на одбрана на личниот став. Во ситуација да бирам меѓу загрозување на опстанокот на државата и судбината на сите граѓани, и нивниот спас, го одбрав спасот на државата и животот на граѓаните.
Фактот што сум подготвен личниот интегритет да го бранам и по цена на сопствениот живот, не ми дава право да го загрозувам животот на ниту еден друг човек, уште помалку на целата нација. Затоа гласав “За“, во име на одговорноста за животите на илјадници други луѓе, за кои, како пратеник, и јас носам директна одговорност. Секој поединец има право во име на своите уверувања, да го жртвува сопствениот живот, но никој нема право во името на своите уверувања да ги жртвува животите на цел еден народ, дури ни на еден човек. Ѓордано Бруно не отстапи од своите уверувања и беше спален. Но неговите уверувања не загрозија ниту еден друг човек, уште помалку, цела нација. Барање со тебе да бидат спалени и други луѓе е фанатизаам, а не на филозофска консеквентност.
Веднаш по уставните измени, собранискиот спикер стави и параф на Законот за јазици. Изминатава недела гледаме дека тој и на големо почна да се применува. Зема ли преголем замав албансаката заедница во земјава? Се став ли над словото на законот?
“Ги загубивме очите, а сега се грижиме за веѓите!“ Други се тие сили што се ставија над словото на законот. Инаку, дво-или-повеќе-јазичноста сама по себе е демократска придобивка и во светот е почеста отколку што се мисли. Канада е двојазична држава со англискиот и францускиот јазик; Швајцарија е тро-јазична, а во некои региони дури и четири-јазична; Луксембург е тројазична држава; Белгија, Шпанија… Косово во кое Србите се помалку 4% население, исто така е двојазично. Собранието на СФРЈугославија работеше со четири официјални јазици (Српско-хрватскиот, Македонскиот, Словенечкиот, Албанскиот). Од друга страна, факт е дека во сите овие држави ова водеше (води), кон одредени политички тензии со силни центрипетални тенденции; некои од нив постојано се соочуваат со референдуми за отцепување, а некои од нив и се распаднаа.
Проблемот е во тоа што, по мое уверување неоправдано, културната автономија се злоупотребува како инструмент за барање политичка автономија, со што правото на сопствениот јазик всушност се компромитира и се деградира на средство за политичка манипулација. Додека културните слободи ја зголемуваат взаемната доверба и почитување, барањата за политичко отцепување неизбежно ја намалуваат хомогеноста и го загрозуваат интегралниот карактер на едно општество. Ако во Македонија се постигне политичко единство во поглед на темелните стратешки определувања на сите политички опции и етнички заедници, културните, вклучително и јазичките разлики само ќе го зацврстат чувството на заедништвото и единството на сите нејзини граѓани и доверба во сопствената држава. За жал, од тоа “Ако“, се чини дека денес сме подалеку од кога и да е во овие 28 гoдини од самостојно постоење на Македонија.
Ваш став, дали власта самостојно ги влече потезите за иднината на државата, или тоа е добро осмислено сценарио на странците?
Една исправка: Не станува збор за “добро“ смислено сценарио на странците, оти она што другите ви го смислуваат никогаш не е мотивирано со желбата да ви биде добро вам туку – нив! Станува збор за смислено и ефикасно реализирано сценарио на меѓународните фактори. Пред кои ние сме немоќни. Видете што им се случи на Чиле на Салвадор Аљенде, на Ирак, на Либија, на СФР Југославија и во тој контекст, на Србија, а пред се – на Босна и Херцеговина. Тоа сценарио мораме да го одбегнеме.
Честопати од собраниската говорница јавноста е сведок дека во потполност не се согласувате со ставовите на власта. Кога законодавниот дом ќе излезе од канџите на партиите и пратениците ќе може да гласаат самостојно по сопствено убедување а не по партиска директива?
Практично – никогаш. “Партијата не е дебатен клуб!“ Припишана на Сталин, оваа досетка и денес важи за сите партии во светот, без исклучок, колку тие и да се прогласуваат за демократски. Мојата привилегија да не се согласам со партиска директива, се должи на мојот статус на независен пратеник. Иако институцијата “независен пратеник“ ја одржува демократијата во живот, тоа е повеќе симболичка, отколку реална можност за автономија на законодавната власт.
Затоа ниту едно Собрание во светот не се формира од мнозинството на независни пратеници – што би била единствена ефикасна алтернатива на доминацијата на извршната власт, концентрирана во рацете на владеачките партии. Ниту некогаш ќе биде. Сепак, секогаш треба да се има на ум:“Potestas in populus, auctoritas in Senatu.” – “Моќта е во народот, авторитетот е во Сенатот.“ Авторитетот на власта може (или, понекогаш – мора!) да склучува неправедни договори наспротив вољата на народот, да се обврзува на неправедни отстапки, но никогаш не може до крај да го принуди народот да се откаже од своите идеали. Македонскиот народ ќе продолжи да ја почитува својата древна историја, да го негува својот јазик, да го брани сопствениот идентитет, да ја развива својата култура и во тоа никакви Договори, Спогодби, Сојузи и Интеграции нема да го спречат. Народот кој го брани својот интегритет и идентитет не е народ со комплекси, со комплекси се тие кои тоа му го преречуваат.
Опозицијата претрпе многу ,,шамари’’ ,најболни од своите пратеници и членството. Дали Мицковски може да создаде јака опозиција? Како го оценувате делувањето на ВМРО-ДПМНЕ?
Мисковски е во незавидна позиција – поправо, целата опозиција е во незавидна позиција. Во овие околности, како на Мицковски, така и на било кој друг политички лидер би му било многу тешко да создаде јака опозиција. Особено, преку ноќ. ВМРО-ДОПМНЕ е во внатрешно ресетирање; згора на тоа, конфронтациите во поглед на дијагнозата на сегашната состојба, разликите во проценката на непосредните чекори и проектирањето на идната стратегија, кои очигледно се неусогласени, сами по себе ја отежнуваат реализацијата на политичка програма прифатлива за најголем број политички активисти и доволно привлечна за членството.
Но, ниту позицијата, ниту државата, односно, граѓаните не треба да се радуваат на тоа. Силна, енергична опозција, со јасни и за најголем број граѓани прифатливи цели, конструктивна во однос на основните интереси на државата и на граѓаните, е неопходна за демократијата и напредокот на секоја држава.
Треба ли да има предвремени заедно со претседателските?
Во овој момент, македонското општество политички е најподелено и најконфронтирано во однос на целата историја на својата самостојност. За жал! И тоа е најголемиот проблем кој треба, час поскоро да биде адресиран со заеднички сили на сите политички фактори во државата. Освен тоа, и граѓаните се поделени, раслоени и спротивставени како по своите политички определби и интер-етнички амбиции, така и по својата социјална структура, односно, ригидната стратификација во која огромен слој луѓе кои живеат под економскиот минимум, наспроти тенок слој бесрамно богати тајкуни; но најлошото од се е што нашето општество најдлабоко е поделено и спротивставено интра-етнички.
И Македонците и Албанците во Македонија внатре себе денес се длабоко спротивставени, на работ од непомирливоста. Евентуалните избори во овој момент, ако не би ја зголемиле, сосема сигурно не би ја смалиле оваа поделеност, по ниту еден основ. На Македонија и е потребно пред се, смирување на оваа френетично конфликтна политичка атмосфера, за во иднина да се создадат услови за вистинското помирување преку усогласување околу стратешките интереси на државата. Периодот до следните редовни избори ми се чини единствена реална можност оваа цел барем делумно да се реализира. Взаемните обвинувања, од типот “Сака избори а Бога моли до нив да не дојде“, се манифестации на лични лидерски и партиски препукувања, претенциозност и суета, кои на процесите на помирувањето само им нанесуваат дополнителна штета.
Каков шеф на државата и е потребен на Република Северна Македонија?
Чесен, одговорен, способен, енергичен, зрел, со интелектуален капацитет и морален интегритет.
И секако – партиски независен.
Каков е Вашиот став за кандидатурата на Вашата колешка Гордана Силјановска? Дали нејзиниот избор може да се повтори во втор Ѓорѓе Иванов?
Со сиот респект кон Ѓорге Иванов (а не “Ѓорѓе“, како што вие напишавте!), како и кон Гордана Силјановска, тие се личности кои длабоко се разликуваат. И двајцата се доволно автентични и автономни индивидуи, кои што ниту сакаат некого да копираат, ниту е лесно некој нив да ги копира.