Електронските медиуми и друштва на, како што се прокламираат, македонските Бугари, по интервјуто на министерот за надворешни работи Никола Димитров за МКД.мк, објавија фејсбук порака на Вида Боева до него.
Вида Боева со децении била десна рака на Иван Ванчо Михајлов во Рим, а нејзината возраст го доведува во прашање користењето на алатката на социјалните мрежи и остава простор за сомневање дека некој друг ја користи во нејзино име. Индикативно е што пораката со извесно задоцнување почнаа да ја пренесуваат и бугарските медиуми.
Јавувањето од Рим уследи, откако беа обелоденети бугарските услови, што станаа и европски, за почнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, а во центарот на вниманието се најде именувањето и користењето на македонскиот јазик.
Еве што му напиша Боева на Димитров:
Почитуван, г-не технички министер,
Откако долго време правевте „мили очи“ на Европа и на соседите, гледам дека повторно се вративте, Вие и Вашата партија кон идеологијата на омраза кон нашиот бугарски корен. Во комплексите на тие кои сакаат да го заборават огромниот злочин извршен во комунистичките логори за време на убиствата на вистинските македонски патриоти на крвавото Коледе во 1945 година, е еден од доказите дека никогаш нема да бидете Европјани, туку само тажни статисти во пиесата на нашата маргинализација како народ.
Денес се вративте во анти-бугарското гнездо и го предадовте својот народ, поставувајќи се повторно под крвавиот бајрак на АСНОМ, кој секогаш ќе биде симбол на југословенската реокупација на нашата татковина. Великаните на нашата славна борба беа Македонци и Бугари. Тодор Александров велеше: „На тој што ќе каже дека не сум Македонец ќе му го одрежам јазикот. А на тој што ќе каже дека не сум Бугарин ќе му ја одрежам главата“. Како ли ќе реагираше Тодор на Вашата лична, морална и етничка адаптација за потребите на Вашата лична кариера и реализација. Кога сте слушнале Кипар да бара признавање на кипарски јазик или Австрија да бара признавање на австриски јазик? Никој не проси признавање на јазик, бидејќи јазикот или го има или го нема.
Јазикот на кој што пишуваа Гоце, Тодор и Ванчо, нема ништо заедничко со асномскиот говор. Тие пишуваа на литературен бугарски јазик. Борците кои говореа и пишуваа на неговата убава регионална норма исто беа Бугари и беа убиени заради тоа. Без да ја прочитате страницата на крвавиот злочин во кој што беше зачнат србо-македонизмот никогаш нема да можете да ја затворите. Да барате малцинство во пиринско е стар удбашки трик за внатрешна употреба. Нели зборувате за право на самоопределување, зошто од дистанца им ја дефинирате етничката припадност на овие луѓе? Тие биле и денеска се Бугари. Вие сакате етничкиот инжинеринг од вардарска Македонија да се префрли во самата Бугарија? Колку наивно! На таа титова шашма и се гледа крајот. Каде ќе бидете вие кога таа ќе падне?
Вашиот нов екстремизам против заедничкото што го имаме со Бугарија и вашата грчка љубовна афера немаат иднина. Во Европа не се оди со титовите слогани. Нашата татковина ќе биде независна и демократска но секогаш со Бугарија, со која делиме корени, јазик и европска иднина, стои во писмениот одговор на Вида Боева Попова, долгогодишна соработничка на Иван Михајлов, до министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.