Македонија 18. септември 2020. / 12:15

ЕУ повторно спрема блокада – бадијала виткањето кичма на Заев

ЕУ повторно спрема блокада – бадијала виткањето кичма на Заев

Премиерот Зоран Заев за Договорите со Грција и Бугарија смета дека станале инспирација и модел за регионот и пошироко, пишува Курир.

Според Заев перспективите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а подоцна и Договорот од Преспа со Грција, се огромни и со нив се трасира патот и се отвораа процесот за преговори за членство во ЕУ. Наспроти неговите изјави за добрососедство вчера Бугарија испрати Меморандум до ЕУ со што се најавува можна блокада кон патот на ЕУ.

Таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, отворените прашања лесно се решаваат, го поставивме минатото како темел на иднината. Во договорот нема дилеми дека се работи за две држави, два народи и два јазици. Со договорот се определивме заедно да ја спречуваме недобронамерна пропаганда доколку се појави внатре во државите, заедно да бидеме против говорот на омраза и заедно да го поразиме национализмот, изјави Заев на обраќањето на свеченоста по повод 11-годишнината од основањето на Бугарскиот Културен Клуб во Македонија.

Наспроти извештаите и препораките за почеток на преговорите за членство во ЕУ кои Македонија ги добива од Брисел, во текот на вчерашниот ден Бугарија испрати Меморандум во пресрет на одлуката за отпочнување на преговори за Европската унија со што се најавува блокада на патот кон ЕУ. Меморандумот се состои од шест страници со долги историски образложенија за државна анти-бугарска идеологи на Македонија, а го објави Радио Слободна Европа. Тезите на негирање веќе познати, не постои македонски јазик и македонски народ.

Во Меморандумот на Бугарија стои дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во Европската унија, и дека несогласувањето со Скопје е конфликт кој би можел при зачленувањето на Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во Европската унија.

Добрососедските односи треба да бидат дел од преговарачката рамка за Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35 за односите помеѓу Бугарија и Македонија во контекст кон проширувањето, стои во Меморадумот.

Во Меморандумот на Бугарија до ЕУ стои дека според Бугарија идеолошкото наследство од комунистичка Југославија е причина за етничкиот инжинеринг во Македонија. Што се однесува до јазикот Софија, македонскиот јазик го става под наводници и смета дека до 2 август 1944 не постоел ниту македонски јазик, ниту македонски етнички идентитет. Исто така Софија смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот јазик.

Според Бугарија употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обинетите нации од 1977 година кога е признат македонскиот јазик. Па така сега Софија бара од Европската унија во документите да стои официјален јазик на република Северна Македонија или во случај на апсолутна потреба македонски јазик со фуснота.

Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија, во изјава за Дојче веле, оценува дека објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија упатен до членките на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување не преговорите со Северна Македонија, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата.

Бурни реакции за меморандумот на Бугарија испратен во ЕУ имаат и аналитичарите од Македонија. Новинарот Тодор Пендаров смета дека Бугарите ни наместиле катастрофален лош договор кој е неприфатлив.

Јас не сум историчар, но секогаш бев против потпишувањето на договорот со Бугарија зошто е тотално асиметричен во однос на нашата страна. Ваквиот став на Бугарија за негирање на македонската нација доаѓа од нивниот попис од 1956 со пописот каде 188 000 се декларираат како Бугари, односно од доаѓањето на Тодор Живков на власт, вели Пендаров.