Државната компанија ЕЛЕМ до медиумите достави демант на информацијата која ја објави Лидер дека ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери и синот на членот на комисија во Министерството за Култура, Мирослав Грчев во нивните М1/М2 образци за вработување се со средно, односно без никакво образование.
Чудно, но во демантот од ЕЛЕМ не пратија М1/М2 образци кои го говорат спротивното од тоа што го напиша медиумот.
Демантот не стигна до официјалната меил адреса на Лидер, но ни беше пренесен од нашите колеги од другите медиуми, па, ви го пренесуваме во целост:
Ангажираните со договор за привремено вработување, Бесијана Џафери и Димитар Грчев, имаат завршено високо образование со просек 10 и 9.7, со што ги исполнуваат потребните услови за конкретното работно место, а еден од ангажираните е и со повисок степен на образование од тој што се бара, што се гледа од дипломите приложени во овој допис.
АД ЕЛЕМ остро реагира на континуираните објави во дел од порталите во кои се навредуваат вработени во компанијата, како и самата АД ЕЛЕМ, со содржини и наводи кои се целосно невистинити, како што е и во овој случај.
Категорично бараме медиумите кои денеска го изнесоа конкретниот напис да го објават овој демант и документите во прилог, за што имаат законска обврска, и да се извинат за направената клевета и повреда на честа и угледот на вработените и на компанијата.
Лидер нема да ги објави фотографиите од дипломите на Џафери и Грчев кои ги доставува ЕЛЕМ, затоа што нашиот медиум објавува само проверени информации. Во случајот, проверена информација е само онаа што е издадена од државата, а тоа е М1/М2 образецот кој го издава Агенцијата за вработување кога се пријавува секој вработен.
Според Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Џафери и Грчев се без соодветно образование.
Тоа што ќерката на Џафери и синот на Грчев доставиле некакви фотокопии од дипломи, не ги прави квалификувани пред државата Република Македонија. Во Република Македонија статусот на образование на еден вработен го одредува Агенцијата за вработување, според која овие двајца вработени се со средно, односно без никакво образование.
Инаку, од ЕЛЕМ тврдат дека вработените ги исполнувале сите критериуми, но, не откриваат зошто не беше спроведен конкурс за вработување на овие две лица?
Во исто време, од компанијата велат дека медиумите ги навредувале нивните вработени, па, се поставува прашањето со што се тие навредени? Со тоа што без конкурс се вработија деца на високи политички функционери? Или со тоа што ние објавивме дека пред државата Република Македонија, тие се водат со средно, односно со основно образование?
Љупчо ЗЛАТЕВ