Според документот до кој дојде expres.mk а кој се однесува на оперативниот план за македонското пристапување во НАТО решението на името, успешен референдум и устав не се доволни за влез во алијансата.
Во точката 2 од документот на НАТО насловена “Сојузниците договорија план за спроведување на пристапниот процес со аспирантот” се вели:
“Планот за спроведување на пристапниот процес со аспирантот вклучува стандарден преглед на чекорите од пристапниот процес. Планот вклучува програма со индикации за продолжување на реформите кои вклучуваат специфични прашања, врз основа на кои се очекува понатамошен напредок пред пристапот, како и временска рамка за пристапниот процес”.
Тоа практично значи дека ако Македонија не ги заврши реформските приоритети за кои забележа и ЕУ на последниот самит дури и со променето име во Северна Македонија и устав со Ерга Омнес нема гаранција дека Македонија ќе го потпише Вашингтонскиот Договор со кој формално се станува член на НАТО.
Комплексноста на македонскиот пристап во НАТО ја потврдува и националниот координатор за алијансата Стево Пендаровски кој денеска објаснува што се треба да се случи за да станеме 30 членка.
“Значи, нема да биде доволно само овие воено технички, па и политички и легални правни услови да ги исполниме во наредните четири до шест месеци од прилика, туку ќе биде неопходно да ја завршиме и процедурата за ратификацијата за референдум во однос на договорот и се разбира уставните промени”, изјави денеска Пендаровски.