Македонија 19. март 2019. / 13:33

ЕКСКЛУЗИВНО: Еве зошто го теретат Јакимовски – оти садел жардињери на Партизанска!

ЕКСКЛУЗИВНО: Еве зошто го теретат Јакимовски – оти садел жардињери на Партизанска!

Утринава беше приведен претседателот на партијата ГРОМ, Стевче Јакимовски, поради наводни злоупотреби, Економски Лидер, ексклузивно од извори од истрагата открива за што обвинителството го терети Јакимовски.

Според нашите извори, се работи за исклучително апсурдни обвиненија, за кои, неофицијално, обвинителството планира да побара и притвор за претседателот на ГРОМ.

Јакимовски го теретат по три основи. Прво затоа што како градоначалник организирал садење жардињери на булеварот Партизански одреди и за тоа биле потрошени 6 милиони денари во неколку години. Што е смешно, затоа што тие жардињери постоеле и не постои никаков криминал. Од обвинителството го теретат затоа што Општина Карпош кој тој ја водеше садела жардињери а не Град Скопје под чија надлежност тоа било,  вели нашиот извор.

Изворот од истрагата додава дека втората причина поради која Јакимовски е приведен е затоа што изградил паркче наспроти студентскиот дом Гоце Делчев.

Повторно не нашле никаков криминал во изградбата на паркот, но Јакимовски го теретат затоа што ја озеленил таа површина на која за 30 години било предвидено да се гради улица, вели нашиот извор.

Третата причина за приведување било земјиштето кај ИМЕС кое беше отуѓено за време на неговото владеење.

Пак се работи за манипулација. Затоа што општината и градоначалникот сами не може да отуѓат земјиште. Се работи за случај во кој се добиени дозволи од сите државни институции, но и од народниот правобранител, за сопственик со право на сопственост уште од времето на СФРЈ, вели нашиот извор.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, утринава обвини дека се работи за политички прогон, затоа што Јакимовски е притворен непосредно пред почетокот на изборната кампања.

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стефчо Јакимовски е осомничен за легализација на државно земјиште што било откупено по драстично пониска цена, за МИА изјави шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска.

Според неа, станува збор за неколку пријави што се однесуваат на работа спротивна на Законот за јавни набавки, за легалзиација на времени објекти, што потоа бесправно биле градени, исто така, спротивно на законот.

Станува збор за злоупотреба на службена положба и овластувања, став 5 во врска со член 45, бидејќи станува збор за продолжено кривично дело, изјави Рускоска.

Поранешниот градоначалник на Карпош утринава беше приведен и изведен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје.

Со него се приведени уште две лица, вработени во Општина Карпош. Постапката е покрената од Основното јавно обвинителство, од каде се најави дека повеќе детали ќе бидат соопштени во текот на денот.

Во истрагата на ОЈО се опфатени уште пет лица. Според најавите оттаму, за тројцата приведени ќе биде побаран притвор, а за останатите мерки на претпазливост.

Јакимовски беше приведен и лани во август на барање на финансиската полиција поради сомненија за злоупотреба на службена должност во времето додека бил градоначалник на Карпош.