Македонија 25. март 2020. / 22:07

ЕКСКЛУЗИВНО: Цаца не е единствена, уште еден директор на Филипче не отишол во изолација

ЕКСКЛУЗИВНО: Цаца не е единствена, уште еден директор на Филипче не отишол во изолација
Христијан Дума (лево)

Уште еден од директорите на министерот за здравство, Венко Филипче, не ги почитувал препораките за изолација и ги ставил во опасност од зараза своите колеги, како и голем број вработени во комплексот клиники, дознава „Лидер“.

Станува збор за директорот на Очната клиника, Христијан Дума, чија сопруга е една од неколкуте доктори кои се во изолација поради Ковид-19 вирусот, а биле во контакт со директорката на Кожната клиника, Нина Цаца Билјановска.

Сопругата на директорот, се наоѓаше 14 денови во изолација (од 10 март), но нејзиниот сопруг до пред неколку дена постојано одел на работа, сведочат за „Лидер“ неколку лекари.

Поради тоа, шпекулацијата дека сопругата на Христијан Дума е можеби позитивна на корона вирусот предизвикува паника меѓу вработените на очната клиника кои се во страв дека можеби имаат Ковид-19 што им го пренел директорот.

Лекарите велат дека овој случај може да биде и пострашен од тој со директорката на Кожната клиника, со оглед на тоа што Очната клиника нема заштитни средства.

Да биде проблемот поголем, Христијан Дума е еден од лекарите именувани во Комисијата на Клиничкиот центар, предводена од министерот Венко Филипче, што треба изготви план за постапување со болните од Ковид-19.

Затоа е уште поскандалозно што човек назначен во тело за постапување при епидемија на корона вирусот е токму тој што не постапувал и не ги почитувал препораките на епидемиолозите за останување во самоизолација.

Ваквите постапки го повлекуваат прашањето за евентуална оставка на директорот на Очната клиника, но и можната потреба за затворање на зградата на Интерни клиники затоа што голема е опасноста вирусот да е веќе раширен меѓу луѓето што секој ден одат таму на работа.

*По објавувањето на текстот до редакцијата на „Лидер“ стигна информација дека сопругата на директорот Дума наводно била негативна на вирусот Ковид19, но, сепак, нејзиниот сопруг не почитувал правило на изолација и секојдневно одел на своето работно место во деновите кога таа била во изолација и не се знаело дали го има вирусот.