Македонија 03. септември 2019. / 15:16

Една третина од хидроцентралите во државата се сопственост на Анѓушев

Една третина од хидроцентралите во државата се сопственост на Анѓушев

Првата мала хидроцентрала во земјава добила лиценца за работа пред десет години и оттогаш досега се изградени и функционираат 75 мали хидроелектрани. Владата на последниот енергетски форум соопшти дека уште 35 се во градба, а 18 други чекаат за концесија, пишува Радио Слободна Европа.

Според податоците од регистарот на Регулаторната комисија за енергетика за повластени производители на електрична енергија од малите хидроелектрани, како и од податоците од Централниот регистар, се гледа дека една третина од веќе постојните 75 хидроелектрани се во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. На сајтот на фирмата Фероинвест, која е во сопственост на Анѓушев, пишува дека тие поседуваат 25 мали хидроелектрани.

Слободна Европа пишува дека на списокот сопственици или основачи на мали хидроелектрани се наоѓа и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој со влог од 700 евра во 2014 година станал дел од сопствеништвото на компанија која поседува три хидроцентрали.