Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за МИА вели дека го очекува предлогот на претседателот на техничката Влада, Оливер Спасовски што ќе го проследи до претседателот на државата кој има надлежности за прогласување вонредна состојба во државата.
Џафери го дели мислењето со одредени експерти дека по самораспуштањето и распишувањето на избори Парламентот не може повторно да се состане.
Според претседателот на Собранието, изборите ќе бидат одложени со уредба од страна на Владата, врз озносва на член 126 од Уставот
Врз основа на Членот 125 од Уставот став 4 ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Членот 126, пак, од Уставот вели дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието.