Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги повика граѓаните да го искористат своето со устав гарантирано право и да излезат на референдумот на 30. спетември и да учествуваат во носењето на, како што рече, најважната одлука за иднината на нашата држава.
„Како граѓани на оваа држава, сите имаме еднаква обврска и должност да учествуваме во носењето на оваа историска одлука, од која зависи правецот во кој ќе се движи Република Македонија. Позитивната одлука на граѓаните на 30. септември, за Македонија ќе значи отворање на вратите на НАТО и на Европската унија“, рече Џафери.
Според него, успешен референдум на нашата држава ќе ѝ овозможи безбедност, отворени патишта за нашите граѓани, повеќе странски инвестиции, отворање на нови работни места, поголем пазар за пласирање на домашните производи, можности за напредок на младите генерации.
„Успешен референдум значи правна држава, реформи во судството и целосно владеење на правото. Со еден збор, подобар живот за сите нас и за идните генерации. Со позитивниот исход на 30. септември, Македонија ќе стане рамноправен партнер во НАТО Алијансата и ќе се отвори патот за влез на нашата држава во заедничкиот европски дом“, рече Џафери.