Македонија 23. јули 2018. / 16:52

Џафери: На денешната седница, која очекувам да трае до доцна вечер, ќе биде избран новиот состав на ДИК

Џафери: На денешната седница, која очекувам да трае до доцна вечер, ќе биде избран новиот состав на ДИК

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во изјава за „Макфакс“ вели дека на денешната седница, која очекува да трае до доцна вечер, ќе биде избран новиот состав на ДИК. Џафери ќе биде отсутен до 28 јули, поради што биле известени навремено сите пратеници. Според собранискиот спикер, во идните неколку часа треба да се закаже и Комисијата за избори и именување, каде ќе се утврдат кандидатите кои ќе бидат дел од новиот состав на ДИК.

Џафери чека официјално известување за да се одлучи како ќе се постапува за измените во изборниот законик, кои денеска се ставени на пленарна седница. Сите собраниски тела треба да завршат со работа во текот на денот, а до вечер да биде избран новиот состав на ДИК.

Седницата што требаше да продолжи во 15 часот, сè уште не е започната, бидејќи се очекуваат известувањата од политичките партии до собранието за договорот од лидерската сердба. Откако претседателот Џафери и официјално ќе биде запознаен со одлуките на партиите, ќе свика координација внатре во собранието, по што и точно ќе бидат познати начините по кои ќе се постапува.

Претседателот на комисијата за избори и именување, Илија Димовски, изјави за „Макфакс“ дека кога ќе пристигне во собранието ќе знае дали седницата за избори и именување ќе биде закажана.

За членови на ДИК се пријавени 41 кандидат. На пленарната седница ќе се гласа со двотретинско мнозинство, согласно со стариот закон.