Македонија 15. јануари 2019. / 14:01

Џафери: Јас не го прекршив Уставот – Иванов е виновен

Џафери: Јас не го прекршив Уставот – Иванов е виновен

Претседателот на Собранието, Талат Џафери не се чувствува виновен што денеска во Службен весник, беше објавен Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа, без претходно да бидат потпишани од претседателот Ѓорѓе Иванов.

-Вчера во рамките на моите уставни надлежности потпишав два указа кои ги испратив за објавуање во Службен весник. Првиот указ е указот за Законот за употреба на јазиците, кои што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 14 март 2018 година и истиот стапува на сила со објавувањето во Службен весник. Вториот указ е указот за прогласување на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа, кој што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 5 јули 2018 година и истиот стапува на сила со објавувањето во Службен весник – рече Џафери и додаде дека ги потпишал указите врз основа на член 52 и член 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, со дополнително објаснување на причините зошто указот е потпишан само од моја страна.

Џафери кажа дека не го прекршил Уставот, ниту Деловникот, со објавувањето на законите во Службен весник, а вината ја насочи кон Иванов.

-Според процедурите, Уставот не го испочитува претседателот на државата и со тоа може да се смета дека од таа страна е направено прекршување на обврските што произлегуваат од Уставот и со тоа злоупотреба на службена должност, односно функција, со актот на непотпишување на указите за прогласување на законите. – изјави претседателот на Собранието.