Македонија 16. јуни 2020. / 10:41

Џафери го потпиша решението за избори на 15 јули

Џафери го потпиша решението за избори на 15 јули

Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа го потпишал решението според кое предвремените избори за пратеници ќе се одржат на 15 јули годинава.

„Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република С. Македонија на 15-ти јули 2020 година го потпишав синоќа и истото е архивирано и пратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот“, соопшти утрово Џафери.

Тој известува дека имаме нова ситуација поради тоа што епидемијата со Ковид-19 го одложи спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12-ти април 2020.

Политичките лидери во Република С. Македонија вчера постигнаа договор за закажување на нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15-ти јули 2020.

„Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните“, стои во соопштението од Собранието.