Македонија 13. март 2020. / 12:08

Дурловски: Заедно со народот да ставиме крај на овие мрачни денови и да го вратиме оптимизмот

Дурловски: Заедно со народот да ставиме крај на овие мрачни денови и да го вратиме оптимизмот

Игор Дурловски во интервју за Фактор.мк проговори за размислата да биде носител на листа на идните парламентарни избори. Тој ќе ја предводи листата во петтата изборна единица, но не се одлучил веднаш, по понудата од Христијан Мицкоски, но и дека сега е убеден оти ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите.

Дурловски е оперски пејач и до пред неколку години никој во државата, но и самиот немаше да верува дека еден ден ќе предводи изборна листа.

Кои се неговите ставови? Прво за одлуката да се трка на изборите како носител на листа.

Да и се служи на татковината, на секој начин, па и преку политиката, е должност и чест. Дури и мислам дека поголемо присуство на истакнати интелектуалци и уметници на нашата политичка сцена може да биде корисно и освежувачки. После долго размислување го прифатив предизвикот и одговорноста дадена од лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски најпрво да бидам дел од стратешкиот тим на партијата составен од докажани професионалци од различни општествени сфери и да ја предводам листата во Петтата изборна единица, и заедно со народот да ставиме крај на овие мрачни денови, да вратиме оптимизмот и достоинството на Македонецот – вели Дурловски.

Тој истакнува дека борбата за подобар живот и посреќна сегашност кои, како што гледаме, се уште ги нема, треба да се води на достоинствен начин.

Верувам дека можеме да донесеме подобар меѓународен успех и решавање на надворешно политички проблем. Со поинаков пристап на македонската дипломатија кон идентитетските прашања, евроатлантската иднина е реална и можна. Сигурен сум дека таа борба е многу потешка, но кога ја водат луѓе со силна енергија и визија, победата е извесна и уште поважно, не е пирова. Македонските граѓани, токму со овие избори, повторно имаат прилика да изберат кому ќе ја дадат својата доверба за остварување на идните стратешки цели на државата и подобрување на квалитетот на нивниот живот – вели Дурловски.

На прашање кои се негови клучни забелешки за владеењето на актуелната политичка гарнитура, Дурловски вели дека недозволиво е да не се почитува волјата на народот.

Напротив, на оние на кои им е дадена доверба за управување со државата треба да го соединат наместо да го поделат по сите основи, да бидат рамо до рамо со секој граѓанин и да го следат неговиот пулс, расположение, особено кога се во прашање големи и чувствителни, државнички и национални теми. Но, исто така, мора и да се гледа покритички кон сите актуелни општествени проблеми и состојби т.е. да се има пореално чувство за потребите од секојдневниот живот на обичниот граѓанин, се со цел да се унапреди севкупниот општествен амбиент – вели Дурловски.

Целото интервју на следниов линк.