Изборите не се решение, велат од парламентарната група на ДУИ, од каде се убедени дека уставните измени сепак ќе поминат.
Еден ден пред можното гласање за потребата од уставни измени, двете најголеми партии во македонскиот политички блок ги потенцираат разликите во однос на гласањето. Иако СДСМ смета дека колегите од опозицијата ќе ги надминат, како што велат, партиските интереси и ќе гласаат „за“, од ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека парламентарната група е обединета и против Преспанскиот договор и измената на Уставот. Ако не се постигнат 2/3 од гласовите, СДСМ предлага распуштање на Собранието и распишување на предвремени избори.
„За ДУИ не постои АКО, во овој процес. За ДУИ постои само една целосно интегрирана Македонија во НАТО и во ЕУ. Нема алтернатива, нема план Б . Ние не се откажуваме нашите интензивни, конструктивни, добронамерни и сеопфатни напори да стигнат до Собранието на Македонија, со што би се отворил патот на Македонија кон евро-атланската интеграција“, рече Артан Груби, пратеник на ДУИ..
Распишувањето на изборите го условува и партијата на Христијан Мицкоски. ВМРО бара нов главен обвинител и 100-дена техничка влада. Опозицијата не негира дека ќе оди на избори дури и без 100-дневна техничка влада, со што ќе ù се овозможи на СДСМ да ги распише изборите и без гласовите на ДУИ.
Меѓу пратеничките гласови кои мнозинството верува дека ги има за уставните измени, се бројат и гласовите на албанските опозициски партии. Движењето Беса, крилото на Касами и Алијансата за Албанците соопштија дека ќе ја поддржат потребата од промени, но во втората фаза, ако дојде до неа, ќе интервенираат со амандмани за прашањата како што се националноста во документите за идентификација и официјализирањето на албанскиот јазик. А и покрај тоа што Деловникот на Собранието овозможува дискусија до 10 дена во првата фаза за уставните измени, гласањето не е поврзано со рокови. Доколку мнозинството не е сигурно дека има доволен број гласови, тогаш чинот на гласање може да се одложи за неколку дена, давајќи можност на мнозинството да ги интензивира преговорите со колегите од опозицијата. Инаку, за збор остануваат пријавени уште 15 пратеници.