По средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека за нив е прифатливо предложеното кадровско решениер на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи да биде Драган Ковачки. Ахмети рече дека тоа е докажан професионалец кој не бил познат како политички активист во цивилниот живот. Лидерот на ДУИ оценува дека Ковачки ќе биде добро решение како за МВР така и за мирот и безбедноста.
Мицкоски излезе задоволен од средбата во Ахмети која траеше 20-тина минути, за која оцени дека била многу добра и дека нивното кадровско решение било прифатено од страна на ДУИ. Тој не исклучи можност во кадровските решенија да биде вклучена и албанската опозиција, но за тоа остави простор да се разговара во наредните денови доколку има средби.
Во врска со најавите на премиерот Заев за промена на изборниот модел, Мицкоски рече дека ќе разговара на секоја тема која е во интерес на граѓаните. За лидерот на ДУИ пак не е прифатливо промена на изборниот модел пред избори, што Ахмети го нарече непристојно време за такво нешто. Разговорите за промена на изборниот модел ги остава за по изборите.