Централното собрание на ДПА денеска во зградата на локалната самоуправа во Тетово одржува состанок околу понудата од премиерот Заев за влез во Владата.
Пред почетокот на состанокот, претседтелот на ДПА, Мендух Тачи, рече дека имаа конкретна и коректна понуда од премиерот, ДПА политички и кадровски да стане дел од Владата.
– Мислам дека нема да му биде тешко на Централното собрание да одлучи, поаѓајќи од конструктивното однесување на ДПА за време на политичката криза и конструктивниот пристап на новата Влада за реформи и особено за интеграциските процеси за кои имаме точни информации дека ќе имаат позитивен напредок и затоа се надевам дека Централното собрание ќе донесе позитивна одлука, рече Тачи.
Во однос на кадровските решенија, Тачи посочи дека ДПА ќе добие министерско место, министер без ресор задолжен за економија и странски инвестиции и заменик министер за транспорт и врски. За министер без ресор, ДПА го избра Бардил Даути, а за заменик министер Митасим Беќири. Според информации од партијата, понудени се и места за тројца државни секретари.
Инаку во еден од прислушкуваните разговори кои ги објави премиерот Зоран Заев во капмањата “Вистината за Македонија”, Тачи му се колни на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков дека е ВМРО до смрт и никогаш нема да ја изневери оваа партија.