Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, при работната посета на Брисел денеска имаше и билатерална средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а потоа учествуваше и на работниот ручек што го организираше високата претставничка Могерини со лидерите на државите од Западен Балкан.
На средбата на премиерот Заев со претставничката на ЕУ, Могерини, констатирано е дека Македонија се врати на правиот пат кон ЕУ и направи многу исчекори напред во евро интеграцискиот процес.
Поздравени се храбрите и инклузивни, лидерски политики на премиерот Заев и на Владата, за успешно затворање на прашањата со соседите, реформскиот процес преку зацртаниот План 18, како и донесувањето на Законот за амнестија, што треба да го помогне процесот на помирување и да го обезбеди владеењето на правото.
На средбата е потенцирана и важноста од успешно заокружување на процесот во Парламентот на гласање на уставните амандмани и за реализација на Договорот од Преспа, како и важноста од имплементација на клучните реформи, посебно во правосудството, со цел отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година.
-За нас како Република Македонија, 2018 година беше во знакот на решавање на крупните прашања со соседите, суштински реформи во клучните области и целосно одблокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Република Македонија искористи максимум од можностите за надоместување на изгубеното време, а Владата направи сè во нејзина моќ за да ги возобнови стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата држава. Мотивирани сме од вашата поддршка, како и досега и тоа е наш поттик, да истраеме во процесот на реализација на Договорот од Преспа и за уште посилна посветеност на имплементација на суштинските реформи – рече премиерот Заев на средбата.
Премиерот Заев ѝ се заблагодари и на европската претставничка Могерини, како и на претседателот на Европскиот Совет, Туск, за поддршката што ја доби Македонија во 2018 година, за Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан со којашто е дадена јасна перспектива за членство во ЕУ, за Самитот во Софија на тема ЕУ и Западен Балкан и за заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, со коишто се отвора патот за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година.
Премиерот Заев изрази надеж и желба таа поддршка да продолжи и во 2019 година, кога уште повеќе ќе ѝ биде потребна на Македонија.
-Знаеме дека 2019 година нема да е лесна ниту за ЕУ, имајќи ја предвид состојбата со Брегзитот и европските избори во мај 2019 година, но остануваме посветени на партнерството на ЕУ и како Република Македонија и во рамки на активностите на земјите членки од Западен Балкан – рече премиерот Заев на работниот ручек.
На регионалната средба на лидерите од Западен Балкан, се разговараше за актуелните политички случувања во регионот, за успесите и предизвиците во 2018 година, како и за очекувањата во претстојна 2019 година. Споделени се ставови за регионалната соработка, посебно за нејзино интензивирање на економски план. Заеднички е ставот дека стабилен и економски развиен регион интегриран во ЕУ е интерес и на Балканот и на Европската Унија, се наведува во соопштението од Владата.