Македонија 07. ноември 2020. / 14:15

Додека Заев тера корона-избори во Штип, Мицкоски прави опозициски блок

Додека Заев тера корона-избори во Штип, Мицкоски прави опозициски блок

Во услови на корона криза кога болниците веќе се преполни, медицинскиот персонал истоштен, само на СДСМ и ДУИ им е до избори. Од друга страна пак, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски прави опозициски блок.

Додека народот живее во страв и несигурност, ставајќи го партискиот интерес пред здравјето на секој поединец, лидерот на СДСМ Зоран Заев по вторпат во здравствената криза смислува оправдувања за спроведување корона избори кои имаат за цел да ги турнат штипјани во уште поголем ризик.

Вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување кандидати за градоначалник на Штип. Останатите партии, почнувајќи од ВМРО-ДПМНЕ, а по нив и помалите, нема да земат учество на овие ризични избори.

Својот став досега јавно го искажаа опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Глас за Македонија, Левица, а на изборите нема да учествува ниту партијата Единствена Македонија. Дали ова значи дека Штип ја обединува опозицијата?

Пред само два дена под покровителство на германската фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје на иста маса седнаа опозициските лидери Христијан Мицкоски, Зиjадин Села и Африм Гаши.

Оценките се дека приближувањето на македонско-албанската опозиција оди кон профилирање на политичката сцена во земјата и дека евентуалната опозициска коалиција на локалните избори следната година ќе покаже сериозен опозициски коалиционен капацитет во земјата.

Пред почетокот на тркалезната маса на конференцијата „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека партиите ги обединува конзервативната ориентација, но и спроведувањето на реформскиот процес и борбата против корупцијата и криминалот.

Заедно со нашите пријатели во Македонија, Алијансата на Албанците и Алтернатива, можеме да придонесеме за брз напредок на нашата држава во евроинтеграциите, спроведувањето на реформскиот процес, и практично на македонските граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност и различните мислења. Она што нас нè обединува е десната конзервативна идеологија, но и реформите, рече Мицкоски.

Лидерот на АА Зијадин Села рече дека коалициите се градта врз основа на доверба, сериозност на лидерите и одржување на зборот, а додаде дека токму Зоран Заев е човекот кому му недостигаат овие квалитети.

-Ние сме заинтересирани да соработуваме и се разбира за овие работи ќе бидете информирани во иднина како што се наближуваат локалните избори, вели Зијадин Села.

И дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја окрупнова опозицијата е фактот дека минатиот месец раководни структури на партијата Интегра преминаа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а истото го сторија и раководни структури од Фродем.

-Групации, здруженија на граѓани, поединци, политички партии се структурите кои ќе го окрупнат и омасоват опозицискиот блок против оваа мафија која се наоѓа во Владата, истакна тогаш Мицкоски.

Засега извесно е ако СДСМ и ДУИ не се вразумат, противкандидат да им биде само здравиот разум и никој друг. Во моменти кога дневно имаме по повеќе од илјада зарезени и дваестина починати единствено на што треба да се мисли е здравјето на луѓето, а не на гласање.