Македонија 22. јануари 2021. / 11:26

Додека Заев се занимава со дворски игри, Мицкоски и Николоски на средби со тројца европски премиери

Додека Заев се занимава со дворски игри, Мицкоски и Николоски на средби со тројца европски премиери

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски деновиве остварија мини-дипломатска турнеја во која посетија неколку европски држави, остварувајќи средби со високи функционери од Унгарија, Словенија и Хрватска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партија, Александар Николоски во претходните неколку денови остварија вистинска дипломатска офанзива. Тие за само четири денови остварија средби со тројца европски премиери: Виктор Орбан од Унгарија, Јанез Јанша од Словенија и Андреј Пленковиќ од Хрватска. Освен тоа Мицкоски и Николоски остварија средби и со двајца министри за надворешни работи: Петер Сијарто од Унгарија и Гордан Грилц Радман од Хрватска.

Премиерите на овие европски држави изразија поддршка за опозициската партија. Виктор Орбан на средбата со Мицкоски изрази пoддршка за промените кои сака да ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ, но и за европската иднина на Македонија. По оваа средба своја изјава дадоа и претставниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски соопшти дека добиена е голема поддршка од Унгарија.

– Зборувавме за блокираниот пат кон ЕУ, добивме недвосмислена поддршка од Унгарските пријатели, рече Мицкоски, а неговата изјава може да ја погледнете во продолжение.

По посетата на Парламентот на Унгарија каде што опозиционите лидери имаа средба со Претседателот на комитетот за надворешни работи г. Золт Немет и пратеникот Габор Домос, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека на средбата заеднички било заклучено дека Владата предводена од Заев ја води Македонија во економска и политичка катастрофа.

По краткиот престој во Унгарија, Мицкоски напиша и Фејсбук статус каде образложи дека мора да се стави крај на политичките криминалци.

– Заглавени помеѓу тендерите на власта за приватни џебови, мафијашкиот попис и продажбата на идентитетот, додека земјава стои во слепите сокачиња на патот кон ЕУ, граѓаните губат уште една важна година од своите животи во чекање додека светот оди напред. Затоа кажувам: Доста е! Мора да се стави крај на политичарите криминалци и на неспособноста.
Иднината е наша и ќе се бориме за неа! За овие и сите идни генерации, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ даде и Јанез Јанша. По оваа средба во Словенија, своја изјава даде лидерот на опозицијата.

– Економијата е девастирана што е последица на неспособноста на владата, да се следат позитивните примери и искуства како Словенија, рече Мицкоски.

Дипломатската офанзива на опозициската партија продолжи и во Хрватска.

– Додека земјите од регионот се рекордери по успеси и достигнувања, Македонија е рекордер по украдени избори, попис кој е фалсификат во најава, потрошени пари за поткуп, партизирано судство, работите мора да се променат, потенцираше Мицкоски по средбата со хрватскиот премиер Пленковиќ.

Видеото може да го погледнете во продолжение.

Додека Заев се занимава со дворски игри, Мицкоски и Николоски играат регионално, за четири дена средби со три европски премиери. Додека Заев мака мачи да испрати преставник на земјава во Брисел кои ги враќаат поради врски со источни тајни служби, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јакне врски со премиери на неколку европски држави.

– Светот оди напред со големи чекори, Унгарија имаше раст од 4,9% годинава, а ние рецесија. Словенија нарачала над 3 милиони вакцини, а ние молиме за донации, рече Мицкоски.

Исто така, Мицкоски и Николоски остварија средба со пратеничка од хрватското собрание, Маријана Петир, која е поранешна пратеничка на Европскиот Парламент. На средбата Мицкоски се заблагодари за поддршката, како и долгогодишната промоција на стратешките интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

За четири дена, Мицкоски и Николоски на средби со тројца премиери на држави од ЕУ. За разлика од него Заев е загубен во просторот и времето. Дипломатските односи ги има сведено на минимум.