Македонија 05. април 2020. / 19:47

Додека некој танцува со негативните проценти, туризмот го ставивме на респиратори

Додека некој танцува со негативните проценти, туризмот го ставивме на респиратори

Новонастанатата ситуација сосема оправдано го наметнува стравот дека туристичка сезона нема да има и сите очекуваме јасна помош од државата за да се избориме со непланираниот удар.

пишува: Лидија ПЕТКОСКА, Дипломиран менаџер за туризам и угостителство

Сосема е неспорно дека заштитата на здравјето е приоритет, но сите мораме да се подготвиме за преживување и дај боже, дочекување на некои подобри врмиња.

Како стратешка развојна гранка на државата, туризмот дефинитивно не го добива заслуженото внимние. Власта и понатаму не прави ништо за да го помогне туристичкото стопанство, а за жал, не добиваме и никаков знак дека било што ќе се смени. Тоа е крајно несериозно затоа што оваа држава со години ја промовира Македонија како туристичка дестинација. Освен за некаков ваучер како можност за искористување на веќе планираното патување, не слушнавме некои поконкретни мерки за помош на туризмот, ниту пак некој се зафати со проценка на тоа колкаво ќе биде влијанието на епидемијата врз македонскиот туризам, иако сите сме свесни дека последиците веќе се…благо речено, огромни, а недај боже, можеби и непоправливи.

– Колкав е туристичкиот пад во Македонија?
– Какви мерки за помош ќе се донесат и колку ќе бидат од помош?
– Што државата може сама да направи, а за што мора да бара надворешна помош?
– Што ќе се случи со бизнисите и луѓето кои живеат од туризмот?
– Ќе може ли туризмот да се опорави и да преживее после загубите?
– Со оглед на тоа дека принудно се сторнирани маркетиншките активности, дали средствата за промоција ќе се сочуваат за тогаш кога ќе помине опасноста?
Ова се само мал дел од прашањата на кои некој мора конечно да одговори.

За жал, ако направиме една ретроспектива и ако за момент се потсетиме на животот во Македонија во изминативе години пред да ни дојде непосакуваниот гостин, ќе сфатиме дека ние всушност, сме биле многу пред времето!

Нам не ни требаше Корона вирусот за да ни ги испразни плоштадите, тие ионака беа празни и напуштени и без задолжиелниот карантин и без ограничување на времето за движење. Кај нас секако владееше сеопшта тишина и луѓето секако заминуваа од градовите и земјата.

Потоа слушнавме дека рацете треба да ги миеме триесетина секунди, студиозно, прецизно, педантно…како и сè што се правеше во оваа земја. Исто онака сериозно како што се градеа патишта, како што се носеа инвестиции, како што се отвараа нови работни места…

Денес, додека ги броиме заразените, излекуваните и починатите од корона вирусот, хотелите и туристичките агенции бележат кататрофален пад на бројот на туристи. Нивната работа пракично, веќе не постои. Ако до вчера се бараше келнер повеќе, денес ги има отповеќе, нема работа, нема туристи, приливот паѓа. Никој не може да замине, никој не може да дојде. Хотелиерите и туристичките агенции најдобро си ги знаат процентите на откажаните аранжмани и колкава сума пари губат по тој основ. Нив нјмалку им е дојдено до танц, затоа што се соочени со најголемиот предизвик како да опстојат и како да ги задржат вработените. Кога нема работа, секој е принуден да ги намали трошоците, заради што е многу веројатно дека ќе се изгубат добрите работници, иако со години маки мачиме со работната сила во туризмот.

Корона вирусот негативно ќе се одрази на светската економија, на некои земји во помал, а на други во поголем обем, во зависност од тоа како-која држава ќе изреагира. А во нашата држава и вирусот би се фрустрирал и би починал…од занемареност.

Туризмот ни е на респиратори, додека танцувачот танцува со негативните проценти. Овој опасен танц мора да подзастане и да се фокусираме на мерките, но оние мерки кои на сите ќе ни бидат од помош, за разлика од понудените – површни, недоречени и манипулативни мерки!