Со неверување и гнев ја примив последната информација објавена во „Службен весник“, според која владата на сред беснеењето на вирусот „COVID-19″ со указ одлучила да пренасочи пари од државниот буџет за бонуси за СЈО.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Верувале или не, милионски суми ќе се слеат на сметката на најкомпромитираната институција во соверемената наша историја! Институција која веќе и формално е згасната. Ваквата информација, едноставно не му дозволува на човек да не реагира бурно, колку и да сака да ја штеди владата поради кризата со која сите се соочуваме.
Пред само неколку дена, Зоран Заев не убедуваше дека сите треба „солидарно“ да го истрпиме ударот кој на економијата ќе и го нанесе вирусот COVID-19. Ќе се намалувале плати, ќе се крателе трошоци, пензии, затоа што сме имале дупка од 2.2 милијарди евра во буџетот која морало да ја пополнеме.
Сега неговата влада, наместо да пренасочи пари за затворање на буџетската дупка, одлучи да пренасочи пари за бонуси во СЈО, а од тие бонуси пари ќе земе и неговата стара пријателка – осомничената рекетарка Катица Јанева.
Да се разбереме, сите знаеме дека Оливер Спасовски само го потпишал овој указ, пајакот нема авторитет да донесе било каква одлука. Одлуката државните пари да се пренасочат за бонуси на истражителите и обвинителите во рекетарското СЈО сигурно ја донел Заев лично, како исплата за големата услуга која му ја направи СЈО со тоа што го донесе на власт.
Ваквиот „Маоизам“ и „Полпотизам“ (називи кои ги лансираше Петар Гошев, а мене многу ми се допаѓаат) на оној кој самиот не крие дека тој ја води владата во неговите телевизиски интервјуа, ја закопуваат и последната можност против коронавирусот да се бориме со рационална економија и цврсти медицински мерки.
Во моментов сме во рана фаза на епидемијата во Македонија, а веќе 20% од заболените се доктори и медицински персонал. Овие кутри луѓе се оставени да гинат без никаква медицинска заштита, од матични лекари па нагоре, сите се оставени сами на себе! Немало пари за нив да им се купи опрема, а за Катица и рекетарите има!
Во исто време, ваквите активности отвораат дебата за тоа дали власта ја користи вонредната состојба за да воспостави режим. Имено, првиот указ им беше за промена на судии а сега даваат пари за бонуси за згаснатото СЈО. Оваа дрскост оди до недоглед, собено затоа што на сите ни е јасно каков економски пустош ќе донесе овој вирус. Наместо да се штеди и да се наоѓаат пари за потполнување на огромната буџетска дупка, бонуси се даваат за оние кои практично го уништија македонскиот правен систем.
Немаат ниту една конкретна економска мерка која и помага на економијата, немаат заштита за докторите. Веројатно културната револуција на нашиве маоисти го носи мотото „Економијата нека потоне, докторите нека умрат, Катица пари да земе!“…