Нема договорено се уште никакво официјално решение за спорот со името, иако четирите предлози и натаму остануваат во игра, а преговарачките страни никогаш не биле поблиску до решение, изјави денеска премиерот Заев.
Освен начела и принципи за планот, друго се уште не е договорено, иако премиерот најави дека од денеска па до петок треба да оствари телефонски разговор со неговиот грчки колега Ципрас.
Најави и референдум кој треба да се одржи есента, но откако предлогот претходно ќе биде ратификуван во Собранието, со најмалку 61 пратеник. Според Заев ратификацијата му претходи на референдумот за да може Грција да испрати писмо до НАТО, Македонија да ја добие поканата, но и како што рече, граѓаните пред референдум да го слушнале мислењето на политичарите.
„Ратификација пред референдумот за да може Грција да испрати писмо до НАТО и да добиеме покана од НАТО. Ратификација на нешто зад што застанеле двете влади ќе дадат раѓаните, истите тие што ќе излезат на референдум. Сакаат да ги знаат ставовите на политичарите, сакаат да знаат како премиерот се однесува на ова прашање и кои ставови ги застапува, сакаат да знаат веројатно и шефот на опозицијата, шефот на државата, претседателот на парламентот “ – изјави премиерот Зоран Заев.
Неизвесно е дали Заев ќе ја добие поддршката на опозицијата, иако ги повика да гласаат и за ратификација на евентуалниот договор, но и да го поддржат референдумот. Го обвинуваат премиерот дека преговорите ги води на штета на државата и дека постојано ги менува ставовите.
„Зоран Заев секоја недела си кажува што сака. Си лицитира со имиња, лицитира со идентитет и достоинство на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е озбилна партија и ќе остане озбилна партија, ВМРО си има свои принципи и ќе остане на тоа. Ние имавме лидерска средба, го кажавме нашето мислење и стоиме зад него. Како сериозна партија бараме да погледнеме што се договара, а не тајно да се преговара, за да го кажеме јасно и гласно нашиот став“ – велат од ВМРО ДПМНЕ.
Околу последните детали, утре шефот на дипломатијата ќе го информира шефот на државата. Од кабинетот на Иванов и пред средбата повторуваат дека тој не прифаќа ерга – омнес.
Ставот на претседателот Иванов е принципиелен и конзистентен во ставовите на сите досегашни претседатели на Македонија. Тој став е дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес .
Непосредно пред новиот телефонски разговор кој треба да биде и повод за нова средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, шефот на грчката влада Алексис Ципрас, пак, вчера на свое излагање пред бизнис заедницата во Грција потенцираше дека се надзира решението за спорот, но преговорите иако се тешки, мора да продолжат.
„Преговори со кои управуваме и продолжуваме да управуваме со чувство на одговорност и патриотизам, но и со решителност и верба во потребата за изнаоѓање на решение. Тоа се обидуваме да го сториме, работејќи на решенија затоа што веруваме дека можеме да ја вратиме водечката позиција на земјата на Балканот“ – рече Ципрас.
Иако и официјално Заев и Ципрас велат дека за конечниот договор тие ќе пресечат, неофицијалните информации говорат дека името најверојатно ќе биде Република Северна Македонија, и дека Ципрас и Заев потпис на договорот ќе стават во Преспа.