Македонија 08. ноември 2018. / 09:10

Директорот на театарот од Велес сам на себе си доделува награда!

Директорот на театарот од Велес сам на себе си доделува награда!

В.д. директорот на велешкиот театар, Младен Крстевски, сам на себе си ќе си ја додели наградата за животно дело “Петре Прличко“. Оваа награда треба да биде доделена в сабота и е финансирана по половина од Општина Велес и Тетатарот во Велес. Вработени во Театарот, кои сакаа да останат анонимни, алармираа за скандалот, дека директорот Крстевски сам ги предложил членовите на Комисијата за наградата и сам се предложил како кандидат, објави телевизија Телма.

– Невидена злоупотреба на службената должност и неетичност“, велат вработените во Тетарот кои додаваат дека целата постапка околу наградата се чувала во тајност. Според пропозициите на конкурсот Комисијата е обврзана да ги објави резултатите од Конкурсот најдоцна 5 дена по поднесување на канидатурите, но тоа уште не е сторено – објасни уметничкиот директор на Велешкиот театар Васил Зафирчев и додава дека токму Младен Крстевски ќе ја добие наградата затоа што е единствениот пријавен кандидат и не гледа никаков проблем во тоа.

-Јас колку што добив информација, за жал не стигнале други апликации за други кандидати, или пак од други театарски куќи што е пракса, што се случувало и во минатите години кога се доделувала наградата. Сметам дека тоа се должи на тоа што минатата година наградата не се додели – кажа Васил Зафирчев.

В.д. директорот на Велешкиот театар и годинешен лауерат Младен Крстевски одби да даде изјава за наградата и се закани со тужба. Наградата за животно дел “Петре Прличко“ е во висина од 60 илјади денари, од кои половина ги обезбедува Општината, а другата половина Театарот, со чиј буџет раководи директорот Крстевски. Овој актер последнава година е в.д. директор во 2 мандата по 6 месеци, кои се веќе истечени. Министерството најави конкурс за нов директор, но тој уште не е објавен.