Во интервју за германскиот весник Велт, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров говори за Преспанскиот договор, процесот на помирување во Македонија и уште еднаш децидно отфрла отворање бегалски центри во земјата, пренесува Дојче Веле.
– За време на бегалската криза, Македонија ги бранеше границите на ЕУ, и тоа сé уште го правиме. Но, не можете од една земја да барате да го споделува товарот, но не и придобивките. Веднаш штом ќе станеме членка на клубот и ги уживаме правата на членство во ЕУ, со задоволство ќе го споделуваме и товарот. Тогаш во целост ќе бидеме способни да ја имплементираме заедничката политика на ЕУ во оваа област. – кажа министерот за надворешни работи.
Димитров посочи дека надмината е и најголемата пречка, добивањето на двотретинско мнозинство во Собрание, но и дека претстојат уште големи предизвици.
– За околу два месеца, кога текстот ќе се дебатира и одлучува, повторно ќе ни треба двотретинско мнозинство за да ги ратификуваме промените. Уште многу работи може да се случат. – вели Димитров.
Во врска со создавањето на полтичко тело за помирување вели дека мора да бидеме многу внимателни да не ја нарушуваме демократската одговорност и основите на владеењето на правото, ова се клучните ветувања на оваа влада и тие се предуслов за почеток на процесот на пристапување во ЕУ.
– Политичкото помирување е важно, ние мора да ја нормализираме нашата поларизирана земја. Од друга страна пак, не смееме да создадеме нови пречки на нашиот пат кон ЕУ. Тоа е еден историски процес со многу пречки, и ова е последната шанса на мојата генерација да ја придвижи земјата напред. – вели Димитров.