Македонија 01. јануари 2019. / 11:34

Димитров за МИА: Без триумфализам, со достоинство и чиста совест го извлековме најдоброто за Македонија

Димитров за МИА: Без триумфализам, со достоинство и чиста совест го извлековме најдоброто за Македонија

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров смета дека за неколку години отсега со исправни политики и отвореност огромно мнозинство од граѓаните на Македонија и Грција ќе го постави прашањето „Зошто ова не го сторивме порано?“. Со Договорот од Преспа, вели Димитров се отвораат можностите конечно по долги години, да почнат разговори за реални теми и прашања од секојдневниот живот на граѓаните.

Смета дека во дадените околности со Договорот од Преспа е постигнато најдоброто за Македонија, секако и за Грција, направен е баланс. Договорот е најдоброто можно решение за двете страни и ако се помести балансот за да биде подобар за едната или за другата страна, немало да има договор, туку национални позиции.

Без помпи, триумфализам, туку едно мирно, сигурно, достоинствено и со чиста совест – ДА. Во дадените околности, апсолутно го постигнавме најдоброто што беше можно. Ако на тоа се додадат и испуштените прилики од минатото, актуелниот регионален и европски геополитички контекст, иднината кон која нашата земја еднаш засекогаш мора сигурно да исчекори, ризиците за Македонија од непреземањето на одговорноста, тогаш можеби е и повеќе од ДА.

Клучот на вратата од непостоењето на договор, удираше најмногу по наша глава. Секако дека имаше мигови на тешко и длабоко преиспитување, консултирање, но на самиот ден на потпишување на Договорот, сите дилеми беа исчезнати. Во Преспа и двете делегации споделуваа чувство на историски момент. Бидејќи беше очигледно дека овој чин е толку поголем од нас, како поединци вклучени во процесот и од севкупната денешна политика. Сите аргументи одат во поддршка на тоа дека овој чин е високо патриотски и од бенефит и за Македонија, за Грција, но и пошироко за регионот. Дека е подобро да потрошиме политички капитал денес, обезбедувајќи долгорочна иднина за сите, отстранувајќи ја котвата што не влече надолу, отколку да го користиме проблемот за да стекнеме краткорочни поени, но на долг рок да бидеме антихерои на каузата – вели Димитров за МИА.

Тој вели дека преговорите со Косијас ги зближиле како луѓе, како пријатели.

Никос беше колегата со кого убедливо најчесто се гледав во изминатиов период и низ тие месеци на интензивна комуникација, успеавме да развиеме искрено пријателство кое продолжува да опстојува, независно што Никос повеќе не е шеф на грчката дипломатија.

Често се расправавме, но секогаш повторно седнувавме да разговараме. Во период од една година успеавме да направиме нешто што во претходните 25 години се сметаше за невозможно – да изградиме мост на пријателство и да ги приближиме нашите две земји, преку склучување на Договорот од Преспа. Неговиот личен удел во тој процес, се разбира под лидерството на премиерот Ципрас, беше исклучително важен за процесот– вели министерот.

Вели дека сериозно размислува за скицирање нацрт за идна книга, запис што ќе остане како своевидно сведоштво за овој важен процес.

Сериозно почнав да размислувам за скицирање на нацрт за идна книга, запис што ќе остане како своевидно сведоштво за овој важен процес. Да не се заборави. Уште само да се најде време. Тешки моменти имаше повеќе. Но, препознавањето на уникатноста на моментот, кој би можел да биде и последен барем на подолг рок, сметам дека беше најважниот елемент. Како и нашето созревање низ кризата, бидејќи видовме како божемниот патриотизам, како површна алатка за прикривање на злоупотреби, секогаш работи против долгорочните национални интереси – кажа Димитров.

На прашањето дали можеше ли да се постигне подобар договор тој вели дека најдобар одговор на ова прашање е фактот што во 25 годишната историја на овие преговори, само еднаш сме успеале да дојдеме до текст што ќе биде прифатлив за двете страни.

-Значи само еднаш контекстот бил правилен и политиката во двете земји доволно зрела за решението да биде возможно. Во истиот тој четврт век се менувале владејачки елити, преговарачи и позиции, сме минувале периоди на кризи во меѓусебните односи и на оддалечување, но и периоди на зближување.

Понатаму Димитров додава:

Сепак, никогаш порано моментот не бил доволно созреан и политиката во двете земји доволно спремна за да овозможи надминување на ова прашање. Тоа кажува многу како за комплексноста на проблемот, така и за постигнатиот договор. Во оваа смисла, договорот е најдоброто можно решение за двете страни. Ако го поместиме балансот за да биде подобар за едната или за другата страна, нема да има договор, туку национални позиции.

И во Македонија и во Грција има недоверба кај одреден дел од граѓаните во однос на Договорот, според последните анкети во Грција таа недоверба е поголема. Како да се разбијат стереотипите, кои се начините според Вас, граѓаните на двете земји да ги ценат повеќе придобивките од взаемното прифаќање, отколку да ставаат акцент дека некој на некого сака да му украде нешто?

Сето тоа покажува колку долго време не се работело вистински на ова прашање од страна на политичките елити од двете страни. За одредени процеси, во услови на наталожени анимозитети и недоверба, потребно е време. Потребно е растење и кај двете страни. Со овој Договор ние го отвораме токму патот, вратата од училницата за полагање на тестот на зрелоста.

Отсекогаш сум се залагал и во најтешките моменти во односите меѓу двете земји, да нема прекини во комуникацијата меѓу граѓаните било преку туризам, инвестиции и други форми на размена. Но, она што сега се создава е една можност конечно после толку време и јавно-политичкиот дискурс да биде растеретен од ова прашање и да се создаде простор за рационална, здрава дебата, растоварена од негативни предрасуди и стереотипи. И двете општества се жедни за отворени аргументации и објективни информации. И двете општества, не само географски блиски, споделуваат и толку многу слични стравови, аспирации, предизвици.

И редно време е, таа енергија да ја тргнеме од доменот на опскурноста, недовербата, нетолерантноста и да ги осветлиме силите насочени кон развивање на соработката и пријателството и кон адресирање на современите предизвици од важност за граѓаните на двете земји. Впрочем и самиот Договор во многу свои одредби говори токму за идната соработка меѓу двете земји и нивните граѓани во повеќе области.

Веќе отпочнаа да се разгледуваат неколку иницијативи за интензивирање на контактите и соработката меѓу младите во Република Македонија и Грција, а во тек се и низа други за унапредување на соработката во низа области. Но, она што Договорот го овозможува е конечно, после долги години, да почнеме да разговараме за реални теми и прашања. Со едно чувство што јас лично сум го осетил во меѓусебната комуникација со соседите по потпишувањето на Договорот, а ми го пренеле и многу други луѓе. Чувство на една зголемена релаксираност, на едно постепено осознавање и соочување со прашањето и кај двете страни: Па добро, зошто ова не го сторивме порано? Убеден сум, дека со исправни политики и отвореност, огромно мнозинство од двете страни на границата ќе го постави ова прашање за само неколку години. Зошто ова не го сторивме порано.