Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во интервју за париски „Ле Монд“ го брани договорот потпишан со Грција за името на земјата, чија ратификација се покажува деликатна во Скопје, пренесе 1ТВ.
Новинарот на париски „Ле Монд“ Марк Семо, на почетокот ги потсетува читателите за историјатот на проблемот со името, се до потпишувањето на договорот од Преспа во јуни година. Сепак, ништо однапред не е добиено, смета „Ле Монд“, бидејќи референдумот од 30 септември не успеа.
Никола Димитров, македонскиот министер за надворешни работи кој беше во работна посета на Париз, за „Ле Монд“ ги објаснува клучните влогови за стабилноста на Балканот, и се осврнува на ратификацијата на договорот од Преспа.
-Добивањето на двотретинско мнозинство е секогаш тешко во политиката, но предизвикот овој пат е од толку голема важност што ќе покажеме дека на Балканот се можни чуда. Ни недостигаат само 10 гласови. Ние сакаме да го финализираме гласањето во јануари, за да потоа договорот го одобри грчкиот парламент пред да започне кампањата за европските избори. Противењето на грчката националистичка десница на овој компромис е исто така силно како и она на македонската националистичка десница. – вели Димитров.
Запрашан како го објаснува масовното апстинирање на гласачите на референдумот, дури и кога договорот за името, конечно, ја отвори можноста за пристапување во ЕУ и НАТО, Димитров вели дека тоа се должи на изборните листи кои не ја одразуваат реалноста.
-Изборните листи повеќе не се совпаѓаат со реалноста, бидејќи голем број кои се регистрани сега живеат во странство. При последните парламентарни избори во декември 2016 година, само 1,2 милиони од околу 1,8 милиони регистрирани гласачи излегоа на гласање. На референдумот имаше 660.000 од кои 610.000 гласаа „за“. Кворумот не е постигнат, но политичкото значење на гласањето е јасно. Договорот беше легитимиран и покрај интензивната кампања за бојкот на опозицијата. Прашањето за името е навистина многу чувствително, бидејќи го допира самиот идентитет на нацијата. Конечно, не смееме да заборавиме дека референдумот е секаде тежок инструмент, бидејќи гласачите не мора секогаш да гласаат за поставеното прашање. – посочува Димитров.
Околу неподготвеноста на многу европски метрополи, вклучувајќи го и Париз, за проширување на ЕУ кон Балканот дали тоа доведе до разочарување кај Македонците, шефот на македонската дипломатија вели дека влезот во ЕУ треба да се заслужи преку спроведување на реформите.
-Според анкетите за јавното мислење, 86 отсто од Македонците се за пристапување во Европската Унија. Балканот е како остров опкружен со земји-членки. Нема да има стабилност во југоисточна Европа ако балканските земји на крајот не пристапат во Унијата. Знаеме дека не постои скратен пат за пристапување во ЕУ. Тоа треба да се заслужи. Мораме да ги спроведеме потребните реформи, да го гарантираме балансот на моќта и владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и слободни медиуми. Процесот е исто толку важен како и самата цел. Во регионот имаме премногу силни лидери кои имаат премногу моќ во своите раце. Сега станува збор за градење силни институции. – посочува Димитров.