Македонија 28. август 2018. / 09:49

Димитров во Брисел на средба со заменик ГС на НАТО Готемолер

Димитров во Брисел на средба со заменик ГС на НАТО Готемолер

Денеска и утре министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе оствари работна посета на Брисел, соопштуваат од МНР.

Првиот ден од работната посета, се планира министерот Димитров да оствари работна средба со заменикот генерален секретар на НАТО, Готемолер, на која е предвидено двајцата соговорници да разменат информации за актуелната соработка меѓу Република Македонија и НАТО, како и подготовките што ги презема Република Македонија во рамките на пристапниот процес за членство на земјата во Алијансата.

Утре Димитров ќе има обраќање пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент (AFET), при што ќе информира за актуелните подготовки за одржување на референдумот, текот наимплементација на клучните реформи во земјата од страна на Владата на Република Македонија и подготовките за скрининг процесот со Европската комисија, со цел на краток рок да се отвори патот за отпочнување на пристапните преговори.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент e работно тело на Европскиот парламент во кое членуваат претставници од различни парламентарни групи застапени во Европскиот парламент.

Димитров ќе оствари и повеќе средби со пратеници од Европскиот парламент, се наведува во соопштението на МНР.